Дојави за бомби имало во вкупно осум скопски училишта, дел се потврдено лажни

Полиција пред средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје за време на антитерористичките проверки по анонимната дојава за бомба, 26.10.2022 | Фото: Мета.мк

Закана со дојава за бомба денеска стасала во уште три училишта покрај првичните пет информираат во Министерството за внатрешни работи, а дел од нив е веќе потврдено дека се лажни. Оттаму информираат дека во училиштата заканата пристигнала преку електронска пошта и дека во моментов се преземаат безбедносни мерки.

„Веднаш се упатени тимови за антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во дел од училиштата веќе е завршена проверката и утврдено е дека станува збор за лажна пријава, а во дел од училиштата проверките се уште во тек“, велат во МВР.

До сега беше познато дека заканата за бомба со вознемирувачка содржина испразни пет скопски училишта. Станува збор за гимназииите „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“ како и за автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“. Според директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски, кој лично го отворил мејлот со заканата, содржината била доста вознемирувачка и била потпишана од организација со име „Нова ера“.

Инаку, лажните закани за бомби се случуваат на денот кога во земјата треба да пристигне претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа ќе присуствува на потпишувањето на Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна соработка, ФРОНТЕКС, кој ќе биде потпишан на македонски јазик. Од македонска страна договорот ќе го потпише токму министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во име на ЕУ потписник ќе биде еврокомесарката за внатрешни работи на Република Чешка, Илва Јохансон.

Покрај договорот со ФРОНТЕКС, се очекува Дер Лајен да најави и голема помош од ЕУ за Северна Македонија за справување со енергетската криза.

Закана за бомба со вознемирувачка содржина испразни пет гимназии во Скопје