Двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денес ќе имаат тет-а-тет средба во Софија.
И во двете земји постои воздржан оптимизам, па и владитe со последните изјави само ја нагласуваат важноста и неизвесноста на резултатот од средбата, но и најавуваат дека има уште време и простор за конечен договор.
Според грчките медиуми, тој договор, без разлика кога ќе се постигне, наводно веќе е договорено заеднички да се потпише во Преспа.
Ципрас вели дека е оптимист и не ги крие големите очекувања од средбата со неговиот македонски колега, иако рече дека „последните чекори се секогаш најтешки“.
Заев, пак, уште повоздржано изјави дека „ова е добар момент да потврдиме што сè е до сега постигнато“.
Ако може да се концентираат двете оценки околу шансите за договор, тогаш излегува дека во Атина сметаат дека „чашата е до половина полна“, а во Скопје дека „чашата е до половина празна“.