Договорот за чистење на малата депонија на линдан во ОХИС е потпишан, но не се открива името на компанијата

Фото: Архива на Мета

Кога ќе започне чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС, како и која е фирмата која беше избрана на меѓународниот тендер сè уште е мистерија за јавноста. Иако уште пред повеќе од еден месец министерот за животна средина Насер Нуредини информираше дека Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации УНИДО, со седиште во Виена, ја заврши постапката за избор на компанија и дека договорот е потпишан, сепак името се чува во тајност.

„Сè уште немаме одобрување од УНИДО јавно да го споделиме името на фирмата. Штом тоа ќе биде официјализирано, ќе ја известиме јавноста“, кусо одговараат во Министерството за животна средина.

Околу 55.000 тони линдан помешан со земја веќе неколку децении стои во дворот на ОХИС, несоодветно чуван, на само неколку километри од центарот на Скопје. Тоа е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, сè додека пред повеќе од 40 години не бил забранет заради неговата токсичност. Јавноста и граѓанските организации многу години апелираат дека оваа историска жешка точка мора што поскоро да биде решена, а со тоа да се заштити и здравјето на граѓаните.

Министерот Нуредини на средината на септември информираше дека тендерот за избор на изведувач на ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан во дворот на ОХИС, е успешно завршен, но не го соопшти името на компанијата, ниту пак кога ќе започне со работа.

„Завршена е административната процедура на потпишување на договор со избраниот понудувач, сега следуваат одобрувањето на деталниот план за ремедијација и активности за обезбедување на потребната документација за отпочнување на работа на терен и чистење на историската депонија“, рече тогаш Нуредини.

Чистењето на малата депонија со линдан се претпоставува дека ќе трае меѓу 15 и 18 месеци, а според некои прогнози и до три години, додека проектот има рок до крајот на 2021 година. Со оглед на тоа дека процесот сè уште не е започнат веројатно е дека тој ќе биде пролонгиран, за да може деконтаминатацијата да биде целосно и успешно завршена.

Освен малата депонија, за која се однесува овој конкретен проект, во дворот на ОХИС, веднаш до неа се наоѓа и големата депонија, за која допрва ќе се бара начин и финансии како да се исчисти. Според претпоставките во двете депонии се складирани околу 55.000 тони отпад во вид на прав и паста од некогашното производство на линдан. Покрај нив, во дворот на ОХИС има и трета депонија, а пред околу две години Мета.мк ја откри точната локација на четврта депонија на линдан која се наоѓа надвод од дворот на фабриката, во близина на локалитетот „Пеленица“ кај Драчево.

Овој отпад веќе неколку децении стои и покрај постојаните предупредувања дека се работи за сериозно токсична материја која ги контаминира и воздухот, почвата и подземните води. Професорот Траче Стафилов вели дека пред почетокот на проектот финансиран од Глобалниот еколошки фонд на Обединетите нации преку УНИДО и Канцеларијата за ПОПс во Министерството, се направени сите анализи за загаденоста на околината и посочува дека и откако ќе биде исчистена депонијата, во ОХИС ќе има многу работа за да се деконтаминира целата средина.

За опасноста од историскиот хемиски отпад, во интервју ја Мета.мк предупредуваше и Аднан Ќахил, поранешен инженер во ОХИС кој беше и координатор на работната група на Владата за справување на проблемот со линданот. Тој вели дека од чистењето на ОХИС зависи и еколошката состојба и на околните населби.

„Во ОХИС, но и пошироката околина, дури и до средина на Аеродром, Лисиче и Драчево подземните води се загадени со линдан и според анализите кои ги правевеме, дури и во воздухот во Ѓорче Петров се наоѓаа честички од линдан“, вели Ќахил.