Владата на петтата седница, ја разгледа и усвои информацијата и ја одобри тендерската документација за првата фаза од постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Македонија.

„Во врска со оваа постапка за дистрибутивниот систем за гас, Владата го прифати текстот на Договорот помеѓу Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување на консултантски услуги во врска со Договорот за концесија за дистрибуција на природен гас и го овласти министерот за економија, Крешник Бектеши да го потпише договорот со ЕБОР,“ се вели во соопштението на Влада.

Неодамна директорот на Национални енергетски ресусри, Бајрам Реџепи појасни дека преку јавно-приватно партнерство, цената за приклучок ќе биде со 100 евра, наспроти 800 евра што сега домаќинствата ги плаќаат во Куманово и Струмица.

„Цената за кубен метар гас ќе биде далеку поевтина во случај да има еден оператор, отколку ако бидат повеќе оператори со различни тарифи. Затоа што ако Регулаторна комисија ги пресметува тарифите, ги пресметува врз основа на трошокот за инвестирање и одржување и во таков случај тој трошок ќе биде многу голем, а тоа го плаќаат граѓаните“, изјави Реџепи.