fbpx

Договорот со „Бехтел-Енка“ стигна до обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ реагира

Во однос на обемната документација, на јавниот обвинител и тимот на истражители ќе им биде потребно време за анализа и проверка на сите индиции и наводи

-

Јавното претпријатие за државни патишта вчера до обвинителството го доставило потпишаниот договор за изведба и надзор над изградбата на автопати на Коридорите 8 и 10д, по доставеното барање на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„Претходно, ЈП Државни патишта до обвинителството ги достави броевите на огласите од јавните набавки поврзани со Коридорите 8 и 10д, за кои јавниот обвинител обезбеди пристап до електронската база на податоци на Бирото за јавни набавки“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Договорот, како и содржината на севкупната електронска документација од Електронскиот систем за јавни набавки поврзана со сите постапки за јавните набавки каде како предмет на договор се јавуваат Коридорите 8 и 10-д, во наредниот период ќе бидат анализирани во насока на утврдување на елементи на евентуално сторено кривично дело, наведуваат од Јавното обвинителство.

„Со оглед дека станува збор за обемна документација на јавниот обвинител и тимот на истражители ќе им биде потребно време за анализа и проверка на сите индиции и наводи што месеци наназад се во интерес на јавноста. За секое постапување што нема да ја попречи постапката и ќе може да се сподели со јавноста, обвинителството навреме ќе информира“, стои во нивното соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ реагира на петте предлог закони со европско знаменце

Владата на денешната седница усвои пет предлог закони со европско знаменце кои ќе ги достави до пратениците во Собранието, а кои се однесуваат на изградбата на инфраструктурни проекти од национален и јавен стратешки интерес, вклучувајќи ги и автопатите од Коридорите 8 и 10д.

За ова денеска информираше вицепремиерот Артан Груби на прес-конференција, посочувајќи дека станува збор за предложените измени на Законот за работни односи, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање, Законот за експропријација на земјиште и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните Коридор 8 и Коридор 10д.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по владиниот прес излегоа со реакција дека Артан Груби и Димитар Ковачевски сакаат по брза постапка, без дебата во Собранието повторно да донесат низа закони, кои се во спротивност со голем број правни начела и уставни одредби.

„Носењето на законските измени по скратена постапка повторно под превезот на европско знаме е насилие и криминал, кој Груби и Ковачевски се обидуваат да го прават и во име на ЕУ, што е на целосна штета на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија во ЕУ“, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Велика Стојкова Серафимовска.

Таа денеска изјави дека и Артан Груби и Димитар Ковачевски го злоупотребуваат механизмот на гласање закони со европско знаменце за да крадат во име на ЕУ, што и штети и на државата и на нејзините граѓани и на репутацијата која што треба да ја градиме во позитивна насока, а не во насока на криминал.

„Од претставништвото на ЕУ во Македонија веќе потенцираа дека ги следат случувањата со договорот со Бехтел и Енка и дека државата е должна да го почитува Договорот за стабилизација и асоцијација, што со други зборови значи овозможување на конкуренција и транспарентност на процесот“, вели пратеничката Стојкова Серафимовска.

СДСМ ќе ги поддржи предложените законски измени од Владата

Од владејачката партија СДСМ велат ВМРО-ДПМНЕ веќе две недели води хајка против изградбата на делниците од коридорите 8 и 10д и против реномираната американска компанија „Бехтел“.

„Законите коишто се во интерес за побрза изградба на овој стратешки проект од национален интерес го блокираа во Собранието заедно со Левица. Наместо побрзо и поевтино оваа блокада на ВМРО-ДПМНЕ и Левица би ги чинела граѓаните 150 милиони евра и дополнително загубени 2 години“, вели пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ бараше Договорот со Бехтел-Енка да биде претставен во Собранието, не кажаа кога и на која комисија би се разгледувал цела недела.

„Се покажа дека единствена нивна цел е да го блокираат стратешкиот проект, да шират невистини и да водат хајка против овој национален проект од големо значење. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да направи хаос од изградбата на коридорите. Нема да дозволиме да ги чинат граѓаните поскапо за 150 милиони евра и со години да се градат“, велат од СДСМ.

Пратениците на СДСМ најавија дека ќе ги поддржат предложените измени на пет закони поврзани со изградбата на делниците од коридорите со европско знаменце.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...