Во текст посветен на стогодишнината од потпишувањето на Мировниот договор од Нуи-сур-Сен, со кој на 27 ноември 1919 година Бугарија од една страна и силите на Антантата од другата го означуваат крајот на меѓусебното војување во Првата светска војна, минатата седмица бугарскиот портал „Топ Новини“ излезе со неколку дезинформации што се однесуваат на Македонија и на македонската историја.

Покрај репарацииите и мерките што се наложени на Бугарија, текстот се зафаќа и со другите елементи на Договорот, меѓу кои и одземањето нејзини територии – Западните покраини, односно териториите што се сега во Србија во подрачјето на Димитровград и Босилеград, потоа Јужна Добруџа и Западна Тракија, при што се наведува и одземањето на Струмичко Поле сосе Струмица од Бугарија и негово преминување vo територијата на Србија.

Со тоа, пишува „Топ Новини“, 2 милиони Бугари се оставени под туѓа власт“.

Но ваквото тврдење, настрана дилемата дали биле баш два милиони или можеби помалку, е неточно, бидејќи на териториите на денешна Северна Македонија што Бугарија ги губи по Првата светска војна – односно половина Струмичка околија сосема извесно не живееле само Бугари.

Имено, како што е општо познато, меѓу населението на Струмица и околијата имало голем број припадници на стари патријаршистички семејства, од кои огромен дел се сметале себеси за Грци. Потоа, тука се и неколкуте турски села, како Висока Маала, Нова Маала, Чанаклија…

Значи, во периодот пред, во текот и по Првата светска војна, не биле сите „Бугари“ – исто како што ни „Бугарите“ на територијата на денешна Македонија од наративот на бугарскиот националшовинизам не се баш тоа. Несомнено е дека меѓу македонското население (исклучувајќи ги лицата што се самопределиле како патријаршисти или Грци) имало луѓе што се чувствувале како Бугари, но имало и луѓе што се самопределувале како Срби, и секако луѓе што се идентификувале како Славјани, како Македонци, како „тукашни“, за што може да се прочита во македонската историографија.