Околу 12,2 милиони евра, без вклучен ДДВ, ќе чини изградбата на првите два километра од автопатот Скопје – Блаце. Во просториите на владата денеска беше потпишан договорот со „Гранит“ за изведба на првата фаза од проектот, којшто ќе овозможи наредното лето да се стави во функција оваа секција од автопатот.
Првите два километра се градат со средства од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Градежните работи треба да започнат напролет, но во меѓувреме ќе треба да се разрешат предметите за експропријацијата на земјиштето на трасата. Вицепремиерот Бујар Османи денеска изјави дека во петок лично ќе оди на средба со жителите на селото Блаце за да разговара за постапката за експропријација на земјиштето. Станува збор за 68 парцели низ кои минува автопатот, за кои не се очекуваат поголеми проблеми од месното население. Јавното претпријатие за државни патишта има обезбедено доволно средства за завршување на експропријацијата.
Автопатот Скопје – Блаце ќе има вкупна ширина од околу 27 метри, со по две коловозни ленти од 3,5 метри и една лента за застанување од 2,5 метри во секој правец. Првата фаза од автопатот предвидува изградба на трасата од граничниот премин „Блаце“ до клучката кај селото Блаце. За втората фаза долга околу 10 километри, во моментов се работи на проектната документација, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
– Продолжуваме да работиме со цел завршување на основниот проект од клучка „Блаце“ до клучка „Стенковец“, при што во моментов се работи на усвојување на идејното решение, кое треба да заврши со изработка на основен проект – изјави директорот Зоран Китанов.
Откако ќе заврши изготвувањето на проектната документација, најдоцна до првиот квартал од 2021 година се очекува да биде одобрен проектот и да претстои распишување на тендерот за изведба на втората фаза. Ниту директорот Зоран Китанов, ниту министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска не можеа да потврдат дали изградбата на целиот автопат ќе биде завршена во првичниот ветен рок – 2023 година.
Она што го напоменаат и двајцата е дека се обезбедени средствата за изградба на целиот автопат. За втората фаза од автопатот Скопје – Блаце државата доби неповратен грант од 27 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, додека околу 70 милиони евра ќе се обезбедат преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Двете фази за изведба на трасата од 12,5 километри се проценува дека ќе чинат околу 120 милиони евра. Откако ќе заврши изградбата на целиот автопат, меѓу Скопје и Приштина ќе се патува за помалку од еден час.
Од ЈП за државни патишта денеска најавија дека пролетва ќе започне и рехабилитацијата на постојниот пат Скопје – Блаце, кој ќе служи како алтернатива на идниот автопат.
Директорот Зоран Китанов спомена дека Градот Скопје ќе биде задолжен за решавање на трасата од клучката „Стенковец“ до влезот во Скопје кај Момин Поток. Градските власти за последните километри што минуваат низ индустриската зона „Визбегово“ ќе треба да направат проектно решение, со кое ќе се согласат сопствениците на земјиштето и индустриските објекти што се лоцирани таму, а дури потоа би се почнало со изградбата.
– Ако е автопат или експресен пат, стопанствениците на Визбегово треба да разберат дека не може секој објект да излегува на патот и ќе мора овие нејаснотии да се решаваат – изјави директорот Зоран Китанов, потенцирајќи дека веќе се одржани состаноци со стопанствениците од индустриската зона „Визбегово“.