Не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде во светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност, ова денеска го изјави премиерот на државата, Зоран Заев. Тој воедно најави дека на почетокот на идната година во парламентот ќе се отвори дебата за декриминализација, а за севкупната легализација ќе има дебата до крајот на јуни 2021 година.

Но, ова не е прва изјава на премиерот околу темата за марихуана. Тој неколку пати зборуваше јавно за постапката за декриминализирање на марихуаната. Заев порача државата може да профитира од извоз на сушен цвет од канабис што ќе поттикне нови инвестиции и работни места, а притоа внатре во државата да се легализира марихуаната. Неодамна, премиерот во интервју за Дојче Веле ја истакна идејата за користење на марихуана во Скопје и туристичките места во државата да биде дозволена, а по примерот на Амстердам, истата да се конзумира во кафулирањата со почитување на одредени стандарди, вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично.

Во последните неколку години, како што покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи, во С. Македонија бројот на лица кај кои при претрес е пронајдена и одземена марихуана е највисок во 2018 година. Тогаш против 618 лица биле поднесени мерки на кривичен прогон. Нешто помал број се бележи минатата година, односно 583 сторители на ова кривично дело.

Годинава пак, од јануари до септември евидентирани се 254 случаи со недозволена трговија на марихуана, за што мерки на кривичен прогон се преземени против 286 сторители, од кои е одземена марихуана.

Во периодот од 2010 до 2017 година запленети се 3.997 килограми или близу четири тона марихуана. Во истиот период запленети се 15.974 стебла канабис.

На почетокот на месецов, Обединетите Нации на предлог на Светската Здравствена Организација преку гласање ја повлекоа марихуаната од листата најопасни дроги, на која се наоѓаат хероинот и синтетичките опијати.

Околу 52 проценти (2.292 испитаници) од младите кои одговорија на прашањата на кратката анкета на „Мета.мк“ спроведена преку инстаграм профилот „Студентарија“, би поддржале легализација на марихуаната за лична употреба. Сепак, речиси ист е и бројот на оние кои се против. На прашањето дали би поддржале легализација на марихуаната за лична употреба во Северна Македонија, негативно одговориле 48 отсто, односно 2.101 испитаник. На анкетата во периодот 12 – 13 ноември 2020, одговорија повеќе од 4.300 испитаници.