Догодина ќе се пошумуваат околу 500 хектари, за повеќе засадени дрвја требаат финансии

Една од акциите за пошумување што беа спроведени на изгорените површини околу Велешкото езеро; Извор на фотографија: Општина Велес;

Јавното претпријатие „Национални шуми“ догодина планира да пошуми површини на околу 500 хектари, при што планирано е да се засадат од 2.000 до 2.500 садници по хектар во земјава.

Според податоците што ги добивме од ЈП „Национални шуми“, во изминативе 10 години во земјава се пошумувале од 400 до 600 хектари годишно од нивна страна. Ова значи дека и во 2022 година процентот на засадени дрвја ќе се движи во рамките на просекот од изминатата деценија.

Во однос на изготвената Стратегија за климатска акција на земјава, во која една од клучните мерки за ублажување на последиците од климатските промени до 2050 година, е наведена мерката пошумување во земјава, од ЈП „Национални шуми“ објаснуваат дека тие активностите за пошумување ги вршат во согласност со Посебните планови за стопанисување со шумите, кои се одобруваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За да се зголеми бројот на засадени дрвја низ територијата на целата земја, од ЈП Национални шуми очекуваат на национално ниво да се прошири соработката со сите субјекти, вклучувајќи ги и локалните самоуправи. Со дел од општините веќе е воспоставена соработка за нивно вклучување во активности за пошумување и оззеленување, но тие очекуваат бројот на вклучени локални самоуправи да се зголеми.

ЈП „Национални шуми“ во соработка со владата измината есен ја започнаа вонредната програма за санирање на штетите од шумските пожари, коишто ја зафатија земјава изминатово лето. За пошумување на уништените површини во шумските пожари ќе бидат потребни барем две години. За потсетување, во шумските пожари беше предизвикана штета од над 31 милион евра.

Мета.мк во изминатиов период испрати прашања и до најголемите општини во земјава – Скопје, Куманово и Битола во однос на тоа колку нови дрвја планираат тие да засадат во наредните четири години, со што би се придружиле во борбата против климатските промени. Одговор добивме единствено од Општина Битола, кои информираат дека во наредните 4 години ќе се зголеми процентот на зелени површини особено во периферијата и на околните ридови на Битола, како што се: Билбил камен, Кркардаш и други места.

Инаку, Северна Македонија е една од земјите која што на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26) се обврза дека до 2030 година ќе стави крај на уништувањето на шумите на нејзината територија. За потсетување, со овој договор потпишан на КОП 26 се предвидени и мерки што ќе се преземат за поправање на штетите од шумските пожари и за враќање на шумите во претходната состојба.

Наспроти ова, во шумските пожари досега во текот на годинава беа уништени над 10.000 хектари шуми во земјава. Мета.мк неодамна стапи во контакт и со Центарот за европски стратегии – ЕВРОТИНК, коишто велат дека бесправната сеча на дрвја е исто така голем проблем. Според податоците на Глобал форест воч, од 2001 година до денеска Македонија изгубила 38.600 хектари шумска покриеност, што е еквивалентно на намалување од 4,9 отсто од шумите. Податоците на Државниот завод за статистика од 2010 година до денес пак велат дека штетите во шумите предизвикани од бесправната сеча изнесуваат 245.118 метри кубни дрва.

Низ светот во засадувањето на што поголем број на дрвја се вклучуваат и општините, но и бизнис секторот. Па така, локалните власти од Париз во пресрет на одржувањето на КОП 26 објавија детален план за засадување на 170.000 нови дрвја во францускиот главен град до 2026 година. Тие ќе садат дрвја на секоја можна локација каде што има простор за оваа намена, почнувајќи од постојните паркови, плоштади и улици, до урбаните автопати околу францускиот главен град. Досега ниту една македонска општина не презеде иницијатива за да се приклучи со свој детален план за засадување нови дрвја и да го претстави пред јавноста.

Недоволна свесност за уништувањето на шумите, како и за потребата од засадување нови дрвја, за жал, постои и кај граѓаните. Минатиот месец „Еко-свест“ го промовираа истражувањето поврзано со загревањето на домаќинствата, коешто покажува дека 53 отсто од испитаните домаќинства во земјава не сакаат да го сменат системот за греење, а само десет отсто се подготвени на таков чекор. Останатите домаќинства би се преориентирале на помодерен и поеколошки начин на затоплување само ако добијат неповратна финансиска помош. Притоа, најголем дел од домаќинствата во земјава се грејат на огревно дрво. Дури 49 отсто од нив се греат на огревно дрво или дрво од овошни насади.