Доделени три награди за „најГЛАСни“ ученички заедници од средните училиште во Македонија

Фото: Здружение ЛЕАД

Последните три дена од месец март за прв пат се одржа настан на кој ученички заедници составени од тројца ученици и еден наставник – ментор од средните училишта СУГСГ „Орце Николов„ – Скопје, СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш и ОСУ „Св.Климент Охридски„ – Охрид се здобија со наградите „најГЛАСни“ за своите училишни иницијативи.

За време на тридневниот настан кој се одржуваше во Скопје и Велес, беа избрани претставници на 7 училишта како финалисти и беше посетено Собранието на РСМ каде учениците имаа можност да дискутираат и разменат искуства со младите пратеници во рамките на Клубот за младински прашања и да се запознаат со функцијата на оваа институција.

„Кога училиштата поддржуваат и поттикнуваат ГЛАСни ученички заедници, имаме активни и мотивирани ученици подготвени да преземат активно учество во демократските процеси и да бидат носители на промени во образовниот систем, но и во општеството“, соопштуваат од здружението ЛЕАД како едни од организаторите на  настанот.

Останатите два дена учениците ги разработуваа нивните акциски планови за имплементирање на училишни иницијативи, кои потоа беа презентирани пред тричлено стручно жири. Врз основа на претходно дефинирани критериуми и потенцијалот на училишните иницијативи комисијата селектира 3 училишта за победници кои добиваат признание за „најГЛАСни“ ученички заедници и парична награда од 10.000 денари за имплементација на нивната иницијатива во своите училишта.

„Преку наградата за средношколско учество сакаме да дадеме наш поттик и придонес за средношколското учество во нашата земја, но и да ги препознаеме, наградиме и поддржиме позитивните примери во делувањето на средношколците“ изјави Иван
Јованов, извршен директор на ЛЕАД.

Оваа наградата и настанот на кој се доделува се во организација на Фондација Конрад Аденауер и Здружение Лидери за едукација, активизам и развој и Сојузот на средношколци на РСМ.