Доделени шест грантови за поддршка на проекти поврзани со родова еднаквост

Фото: Веб-сајт на Реактор-истражување во акција

Во склоп на регионалниот проект, „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ”, организацијата Реактор – Истражување во акција и партнерите од регионот доделија 30 грантови на граѓански организации за проекти поврзани со родовата еднаквост и унапредување на положбата на жената во општеството.

Во проектот учествуваат организации од земјите на Балканот, Реактор –
Истражување во акција од Северна Македонија, Мрежа на жени на Косово (Kosovo Women’s Network) од Косово, Албанска Мрежа за зајакнување на жените (AWEN – Albanian Women Empowerment Network) од Албанија, Права за сите (Prava za sve) од Босна и Херцеговина, Центарот за права на жените (Centar za ženska prava) од Црна Гора и Фондацијата Kvinna till Kvinna од Шведска преку нејзината канцеларија во Северна Македонија.

„Доделените проекти, во висина до 15.000 евра по грант, кои ќе се реализираат во наредните 18 месеци, ќе адресираат прашања поврзани со родовата еднаквост кон унапредување на положбата на жените во сите сегменти од општествениот живот. Финансиската поддршка за локалните граѓански организации преку ова суб-грантирање има за цел да ги зајакне капацитетите на граѓанските организации за поефективна интеракција со властите при што кај овие актери се развива свеста за родовите димензии во процесот на пристапување во ЕУ, како и за нивната важност и влијание подобрување на отчетноста на владите во имплементацијата на нивните заложби за родова еднаквост и женски права во текот на овие процеси“, велат од  Реактор.

Од пристигнатите 96 апликации, грантовите се одобрени на 30 организации од кои 6 во Македонија:

  • Хелсиншки Комитет за човекови права;
  • Гласен Текстилец;
  • Фајнанс тинк (Finance Think);
  • Рурална Коалиција;
  • Хуманитарно здружение „Мајка“;
  • Организација на жени од Струмица.

Проектот „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ” се фокусира на зајакнување на регионалната соработка на женските граѓански организации, истражување и родови анализи за информирање на политики, застапување засновано на докази и мониторинг на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, насочени кон унапредување на родовата еднаквост во регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување во ЕУ. Овој проект е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.