Професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка, Марјан Радески од Охрид и педагогот Маринела Бошева од Скопје го добија признанието просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година. Тие денеска се сретнаа со министерката за образование и наука, Мила Царовска која им ги додели признанијата.

„Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето на генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава“, рече Царовска, потенцирајќи дека просветните работници се и најважната алка во образованието.

Претседателка на Сојузот на просветни работници, Лидија Николовска-Георгиевска, истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.

На средбата беше потенцирано дека секое решение во образованието се креира преку инлузивен пристап, со учество на сите засегнати страни, вклучително и наставниците.