Андреј Рајатоски, здружението „Млади од семејна разновидност“ и „Зелени Пионери“ се добитниците на Наградите за младинско учество за 2026 година, по повод Меѓународниот ден на младите – 12 Август, со кои се оддава признание на младите, младинските организации и поединците кои со својата активност, иницијативи и посветеност придонесуваат за позитивни промени во заедницата.
Во категоријата „Младински организации, организации на млади и чадор младински организации“, наградата му припадна на здружението „Млади од семејна разновидност“, за нивната работа со млади од различни семејни средини, како и за придонесот во создавањето поинклузивно општество преку психосоцијална и правна поддршка, подигање на јавната свест и борба против дискриминацијата.
Во категоријата „Неформални групи на млади“, наградата им беше доделена на „Зелени Пионери“ од Битола, кои преку иницијативите „Еко Розе“ и „Еко Виа“ работат на повторна употреба и рециклирање на текстилен и друг отпад. Во текот на 2025 и 2026 година, нивните активности опфатиле повеќе од 450 млади лица.
За првпат годинава беше доделена и Наградата за партнери на младите во категоријата „Службеници за млади“, со која се препознава улогата на професионалците во институциите кои создаваат мост меѓу младите и институциите и придонесуваат нивните идеи да се преточат во политики и конкретни активности. Наградата му беше доделена на Владимир Смилевски, службеник за млади во Општина Велес.
Добитник на Наградата за младинско учество за 2026 година во индивидуална категорија, која оваа година е посветена на младите и безбедноста – Андреј Рајатоски. Во оваа категорија се препознаваат младите кои придонесуваат кон превенција на насилството, градење мостови меѓу заедниците и создавање побезбедни, покохезивни и поотпорни заедници.
Настанот беше организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски истакна дека младите не треба да се гледаат само како иднина на општеството, туку како негов важен и активен дел денес.
„Кога ги слушаме младите, создаваме подобри политики. Кога ги вклучуваме во процесите на одлучување, носиме поквалитетни одлуки. А кога вложуваме во нив, вложуваме во иднината на целото општество“, порача министерот Велковски.
Од Националниот младински совет на Македонија беше посочено дека, и покрај постоењето на законска рамка и механизми за младинско учество, останува предизвикот од формалното кон суштинско учество на младите.
„Не само да им кажуваме на младите дека ги слушаме, туку тоа да се гледа во одлуките, политиките, можностите и буџетите што ги создаваме“, беше порачано од Ивона Кузмановска, претседател на НМСМ.
Сузан Пенкса, Заменик шеф на Мисија на ОБСЕ во Скопје порача дека младите не се пасивни набљудувачи, туку незаменливи партнери во унапредувањето на мирот и безбедноста, при што институциите имаат заедничка одговорност да создадат отворени, сигурни и инклузивни механизми за нивно суштинско вклучување и учество.
