Доделени наградите за младинско учество на една актерка и две здруженија

Фото: Агенција за млади и спорт

Претседателот Стево Пендаровски, вчеравечер се обрати на свечената церемонија на доделување на Наградата за младинско учество, што по повод Меѓународниот ден на младите, се одржа во Кабинетот на претседателот.

Годинашни носители на наградата се актерката Изабела Јакимова, во индивидуална категорија, неформалната група на млади Младите на Една може (One Can Youth), во категоријата на неформални групи на млади, и здружението Гоу Грин (Go Green), во категоријата на младински организации, организации за млади и младински чадор организации.

Наградата за младинско учество ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија и има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.

Наградата во трите категории ја врачија Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт и Марија Крстевска, претседателка на Национален младински совет на Македонија.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Мојсовски, ги поздрави сите присутни и им го честита Меѓународниот ден на младите на добитниците на наградите.

„Посакувам правата и просперитетот на младите да бидат основен услов за развој на нашата земја, имајќи го во предвид потенцијалот на младите и нивната застапеност во сите фази на креирање и одлучување на младинско учество и младински политики. Младите знаат што е најдобро за нив и затоа трба да се слушне нивниот глас. Од друга страна АМС е нивен стратешки пријател и ги подржува сите млади без ниту една предрасуда”, порача Мојсовски.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање порача дека стратегиите, политиките и законите се ништо ако не предизвикаат суштински промени и подобрување на околностите.

„Во текот на оваа меѓународна недела на младите се зборуваше за новата Стратегија за млади, за законот за младинско учество и младински политики, за законот за младинска работа и за Рамката за развој МКД 2030 и со неа поврзаните владини мерки. Но, колку и да се квалитетни, стратегиите, политиките и законите се битни само доколку направат вистинска промена на подобро во реалните животи на луѓето“, порача шефот на земјата.

Затоа, денеска, на Меѓународниот ден на младите, ќе се фокусираме не на самите документи, туку на она што тие би требало да го овозможат. Меѓу нас се млади луѓе кои преку нивниот општествен ангажман ни ги покажуваат сите добри страни на едно трансформирано, демократско општество, посочи тој.