Доделени наградите на петтиот Beach Film Festival во Охрид

фото: Beach Film Festival

По пет фестивалски денови и многу прикажани филмови и музика, во неделата се затвори петото издание на фестивалот на нов европски филм – Beach Film Festival.

Фестивалот се одржа од 20 до 24 јули, кога Охрид беше град на филмската култура и богата филмска програма. Овогодинешното јубилејно издание на Beach Film Festival се одржа на четири локации – плажата Славија, предворјето на „Св. Софија“, Липадариумот и бродот Армада, додека публиката имаше можност да ужива во повеќе од 40 прикажани филмови.

„Фестивалот донесе филмски проекции на уникатни локации под ѕвездите, креативни среби на филмски професионалци и љубители на филмската уметност и искуства и дружење во опуштена атмосфера во градот Охрид“, велат организаторите на фестивалот.

На затворањето, кое се одржа на плажата Славија, беа доделени и филмските награди, за кои одлучуваше жири составено од германскиот режисер и кинематограф Фред Келеман и режисерите Срѓан Драгојевиќ и Кавех Захеди.

Наградата Голем бран за најдобро филмско остварување беше доделено на филмовите „Кучка, погрден збор за жена“ во режија на Тијана Зијаниќ и „Бесконечно море“ во режија на Карлос Амарал.

Наградата Мал бран за најдобар краток филм ја доби филмот „Сестри“ во режија на Кукла Кешеровиќ.

Актерката Анаис Демостие за филмот „Вљубената Анаис“ ја доби наградата Стефан Сидовски Сидо за најдобро актерско остварување, додека Special Mention, наградата за најдобар краток студентски филм кој секоја година го избира публиката, ја доби филмот „Слобода“ на режисерката Јоана Розниак.