Ирена Мулачка, Миомир Серафиновиќ, Снежана Лупевска, Александар Методијев и Сузана Мицева се добитници на наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2024 кои беа доделени вчера.
Ирена Мулачка од „Фокус“ ја доби првата награда за сторијата „Скандал Онкологија“ со која се открија злоупотреби со терапиите за онколошките пациенти.
Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен ја добија втората награда за сторијата „Семејно стебло Зајас, Соравиа, струја, дипломатија“ од емисијата КОД, ТВ Телма која открива фамилијарни врски и злоупотреби од високи функционери.
За сторијата „Кревките Шуми“ (Нота.мк) која истражува нелегална сеча на шуми и институционална негрижа за животната средина третата награда им припадна на Методијев и Мицева.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
„Новинарството ни треба за функционира демократијата. Професионалното новинарство ни помага да се справиме со многу предизвици. Социјалните мрежи лесно креираат јавно мислење. Она што е потребно е да се обидеме да асистираме на професијата, да не кажам, да ги достигне ЕУ стандардите, туку да се осигураме новинарите да можат да работат на истражувања. Ова е можност да се покаже импактот на истражувачкото новинарство кое креира општествени промени и средина во која граѓаните ќе просперираат“, рече амбасадорот Рокас.
„Во целата приказна, вработените на онкологија се охрабрија да учествуваат во сторијата и да зборуваат за тоа што се случувало таму. Искрено се надевам дека малку од малку успеав оваа приказна да помогне на пациентите во Македонија и се надевам дека до крај на годината ќе има правна разврска. Благодарност до редакцијата Фокус, до жирито и до моето семејство“, рече Ирена Мулачка на церемонијата.
„Благодарност до жирито за наградата. Рекоа дека е храброст да се истражува и жирито ја препозна храброста да се истражува едно семејство кое до скоро беше во власта. Истражувачкото новинарство расте, многу ми е мило што ЕУ не се откажува од нас и и ни дава поддршка“, рече Миомир Серафиновиќ по примањето на наградата.
„Чест ми е што сум овде, што ова неверојатно патување кое го имавме со колегите, ја доби втората награда по она од СЕММ и УНЕСКО. Беше предизвик да се отиде на Јабланица, непокорот на локалното население заслужува признание затоа што нивното противење да се уништува шумата не мотивираше да ја направиме сторијата“, изјави Сузана Мицева.
Победниците на националниот конкурс за ЕУ наградата за истражувачко новинарство ќе имаат шанса да се натпреваруваат и за регионалниот конкурс на кој се наградуваат стории со регионално влијание од посебна жири-комисија. Победниците на регионалниот конкурс ќе бидат објавени во последната недела на октомври во Анкара, Турција.