Доделени БАФТА наградите: „На запад ништо ново“ освои седум награди

Фото: Hraybould, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Драмата на Нетфликс за Првата светска војна „На запад ништо ново“ доминираше на БАФТА, освојувајќи седум награди, вклучително и за најдобар филм, пренесе Би-би-си.

Филмот освои и награда за најдобро адаптирано сценарио, најдобар филм на не англиски јазик и најдобар режисер за Едвард Бергер. Неговите седум награди значат дека го соборил рекордот БАФТА за најмногу награди освоени од филм што не е на англиски јазик.

Помеѓу останатите победници на синоќешната церемонија беше и „Баншите на Инишерин“ кој победи во категориите за најдобар британски филм, најдобро оригинално сценарио, најдобра споредна актерка за Кери Кондон и најдобар спореден актер за Бери Киген. Четири награди освои и „Елвис“, за најдобар актер – Остин Батлер, како и за најдобра костимографија, кастинг и шминка.

За најдобра актерка беше прогласена Кејт Бланшет, за нејзината улога на диригентка во филмот „Тар“. „Навални“ победи во категоријата за најдобар документарец, додека „Пинокио“ на Гиљермо Дел Торо беше прогласен за најдобар анимиран филм.

Целосната листа на добитниците на БАФТА наградата, може да се види на следниот ЛИНК.