Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии

Извор: Кабинет на Претседателот на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“, за академската 2021/2022 година, за студии од втор циклус за Пан-европската извршна МБА програма на Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, информираат од Кабинетот на Претседателот на РСМ.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека инвестирањето во образованието на младите бизнис лидери е најсигурната инвестиција во успехот на нашата економија и иднината на нашето општество.

„Образованието треба да им помогне на младите не само да се стекнуваат со теоретски знаења, туку и да ги оспособи преку слободно и независно размислување да наоѓаат решенија за реалните предизвици и проблеми. И токму затоа ни се потребни млади луѓе како вас со претприемачки ум и дух, кои преку индивидуални напори и успех ќе донесат и заеднички успех за македонската економија“, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски во својот говор ја нагласи и двојната важност на стипендиите „Борис Трајковски“, кои освен во образованието, се инвестиција и во довербата меѓу двете држави.

Потсетувајќи на заложбите на претседателот Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма Трајковска, истакна дека стипендиите коишто го носат неговото име се наменети за личности кои се подготвени да го изодат патот до успехот, притоа не правејќи компромис со чесноста и интегритетот.

„Нашата татковина мина низ исклучително тежок период. Но, ме радува што една од иницијативите на Борис што продолжува да дава плод е токму оваа стипендија што секоја година ја добиваат по дваесет стипендии за Пан-европската Извршна МБА програма. Тоа е вложување во вашиот успех, успехот на државата и на пријателството меѓу македонското и грчкото општество. А тоа е важен дел од сонот на Борис Трајковски“, истакна Трајковска.

Говорејќи за програмата, директорот на Сити Колеџот во Солун, Јанис Верверидис, порача дека добитниците на стипендиите ќе имаат можност да стекнат пошироко искуство кое ќе им го промени начинот на размислување и дејствување, преку развивање на нови капацитети и квалитети.

„Тоа е вистинска меѓународна програма, која опфаќа една студиска недела во Јорк и една во Стразбур, и ви дава можност да студирате, да се сретнете и да се поврзете со вашите врсници од 25 други земји“, рече во своето обраќање, директорот на Сити Колеџот, Верверидис.

Стипендиите се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија со Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.