Доделена годишната награда на Народната банка за млади истражувачи за 2021 година

Народна банка. Фото: Мета.мк

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2020 година. Нејзин добитник е Рејхан Сулејман, за трудот „Влијанието на претприемaштвото врз економскиот раст во земјите во транзиција и во земјите од регионот МЕНА (Среден Исток и Северна Африка): со осврт на Северна Македонија“.

„Трудот на Сулејман беше оценет со највисока просечна оценка, во согласност со критериумите од објавениот конкурс. Станува збор за труд што се одликува со конзистентност и истражува релевантна област којашто се однесува на економскиот развој, со посебен акцент на нашата земја. Целта на трудот е да се испита влијанието на претприемаштвото врз економскиот раст. Главниот заклучок од анализата е дека претприемачката активност во рана фаза (TEA – total-early stage entrepreneurial activity) нема статистички значајно влијание врз економскиот раст, додека етаблираните претприемачки бизниси, или т.н. воспоставена деловна сопственост (EBO – established business ownerships) имаат позитивно влијание врз растот на БДП“, образложува Народна банка.

Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи веќе петнаесет години, заради стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и афирмација на младите стручни кадри. На годинешниот конкурс, беа пристигнати четири труда од млади истражувачи.