Додека се чека одлуката на Вишиот управен суд, не запираат протестите против рудникот во Иловица и Штука

Локацијата на која требаше да се гради рудникот во струмичко

Протестите против отворањето на рудник за бакар и злато во близина на струмичките села Иловица и Штука нема да запрат сѐ додека Вишиот управен суд не донесе конечна одлука, најавуваат од здружението „Здрава котлина“. Откако и државата и канадската компанија „Еуромакс“ минатиот месец ја обжалија одлуката на Управниот суд, со која ја поништи одлуката на Второстепената државна комисија за управни спорови, за раскинување на договорот за концесија со „Еуромакс“, предметот се префрли во Вишиот управен суд. Тоа е последната инстанца која треба да одлучи дали ќе донесе своја одлука или предметот ќе се врати повторно кај Второстепената комисија.

Од „Здрава Котлина“ се задоволни што со обжалувањето на одлуката на Управниот суд од страна на Второстепената комисија, во Вишиот суд е испратен и целиот предмет и сите докази, од кои ќе може да се согледа целата ситуација и да се донесе одлуката, што, велат не било ситуација кога одлучувал Управниот суд.

„Судот пресудил дека второстепената владина комисија направила наводни грешки во постапката кога ја одбила жалбата за одземање на концесијата на компанијата и дека надлежниот орган треба прво да ѝ одговори на старото барање за спојување на двете концесии Иловица 6 и Иловица 11, па дури потоа да решава за дозволата за експлоатација. Треба да се нагласи дека ова барање за спојување е од 29.1.2016 година, а компанијата до денешен ден нема комплетна документација неопходна за добивање дозвола за експлоатација за првата концесија Иловица 6, а да не зборуваме за концесијата Иловица 11“, вели Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.

Екологистите од југоистокот очекуваат дека одлука ќе биде донесена што побрзо и дека ќе значи зачувување на здравјето на жителите и чистата околина на овој земјоделски крај. Во меѓувреме, едночасовниот протест на струмичкиот плоштад со молк и транспаренти добива на масовност.

„Со оглед на тоа дека се работи за две жалби очекуваме дека за одлуката да биде донесена ќе бидат потребни неколку месеци. Оптимисти сме, но и ќе бидеме претпазливи. Добро е што со одлуката која ја донесе во мај, судот го забетонира одземањето на концесијата. Се надеваме дека до крајот на годината ќе има конечна одлука и дека ќе се стави крај на идеите за рудници во овој крај. Во меѓувреме протестите ќе продолжат на плоштадот во Струмица. Треба да биде јасно дека жителите на Босилово и Ново село, но и на сите општини на Југоистокот, отворање на рудници нема да дозволат“, вели Ристоманов.

Договорот за концесија за експлоатација на бакар и злато на планината Огражден кај Иловица во општината Босилово беше еднострано раскинат од Владата минатото лето. Образложението беше дека концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија. Одлуката за одземање на концесијата ја потврди и Второстепената комисија за одлучување во управна постапка, откако ја одби жалбата, која ја поднесе компанијата „Еуромакс“. По повторната жалба од концесионерот, Управниот суд уважи само дел од жалбеното барање, врзано со процесни неправилности, односно барањето надлежниот орган на концесионерот прво да му одговори на барањето за спојување на двете концесии Иловица 6 и Иловица 11. На оваа одлука се жалеа и државата и компанијата, а во моментов се чека да одлучува Вишиот управен суд.