Се чини, договорот од 2 јуни, полека, но сигурно, се применува во практика.

Тоа го покажуваат последните реакции и од власта и од опозицијата, кои, најверојатно, сакаат да бидат кооперативни додека траат преговорите и да дадат позитивен впечаток пред странските набљудувачи. А дека решението на договорт е блиску, потврдуваат и информациите од медиумите, според кои, големите пречки се надминати и се чека само официјализирање на документот.

Надеж дека нешто се придвижува во позитивна насока е и вчерашната изјава на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече дека до петок целата работа би требало да биде завршена. Тој не негираше дека има средби помеѓу двете партии, иако помалку нејасно ја демантираше информацијата за тајна средба со претседателот на ВМРО-ДПМЕ и премиер, Никола Груевски.

Решено е или е во фаза на решавање:

  • На новинарско прашање, вчера на прес – конференција, Заев истакна дека собраниска комисија ќе ги отвори случаите и дебатата за случаите поврзани со прислушување. Ова, исто така, може да значи дека извесно е СДСМ, по официјализирање на договорот, да се врати во Собранието на Македонија;
  • СДСМ нема објавено ниту една „бомба“. Исполнета е и точката што вели „со непосреден ефект нема да има понатамошно објавување на каков било материјал од прислушување“;
  • Вчера министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, изјави дека Владата става мораторум на комерцијалните прилози на националните телевизии;
  • Како ќе изгледа владата што ќе ги организира изборите. И од двете партии има информации во прилог на брзо решение на оваа точка;
  • Власта последните денови, се чини, ја исполнува последната точка, според која, договор ќе ги опфати реформите што треба да се преземат во областа на поглавјата 23 и 24, меѓу кои се и слободата на медиумите.

Според договорот од 2 јуни, во текот на транзициониот период требаше да се реши:

  • До 10 јуни, партиите да се договорат за конкретна организација на владата што ќе ги подготви изборите;
  • СДСМ да се врати во Собранието и да раководи со анкетната парламентарна комисија основана за скандалот со прислушувањето. Комисиите за откривање и за интервенција во комуникациите, исто така, да бидат раководени од СДСМ и да почнат со работа, испитувајќи ги неуспесите во надзор и во функционирање на државната разузнавачка служба;
  • Првиот извештај на овие комисии да биде подготвен во ноември 2015 година;
  • Со непосреден ефект, нема да има понатамошно објавување на каков било материјал од прислушување. По враќањето на СДСМ во Собранието, сите материјали што ги поседува СДСМ или кој било друг, ќе бидат поднесени до Јавното обвинителство за итна постапка;
  • Кон средината на јуни и крајот на август 2015 година, ЕУ да го олесни меѓупартискиот дијалог (отворен за сите партии застапени во Собранието) за постигнување договор за прашањата од структурни реформи;
  • Овој договор да ги опфати реформите што треба да се преземат во областа на поглавјата 23 и 24, застапување и независно функционирање на надлежните државни органи, поголема слобода на медиумите и целосна согласност со мислењата и со препораките на Венецијанската комисија.