fbpx

Доцни проектот за доградба на тетовскиот театар, актерката Љоки: Ова одложување наликува на канцер

-

Втората фаза од изградбата на новата театарска зграда во Тетово никако да започне и зошто се случува ова, одговор нема од директорот на Центарот за култура во Тетово. Актерката Албана Љоки вели дека не се надева дека тоа ќе се случи, а одолговлекувањето на културните проекти го нарекува „канцер“ што ќе експлодира еден ден, пишува „Порталб.мк“.

Според директорот на Центарот за култура во Тетово Артан Арслани, не е јасно зошто Владата сè уште нема преземено мерки за одобрување на втората фаза, иако истиот проект е прифатен уште од декември минатата година.

„Ништо не е сменето од мојата последна изјава што, во врска со ова ја дадов одамна, сè уште чекаме Владата да го одобри проектот и да започне со јавната набавка за втората фаза. Проектот го доставивме во декември минатата година, немаме никаков одговор и не знам зошто се случува ова. Во втората фаза е предвидена изградба на ентериерот и театарската сцена. За динамиката на работата и за сè друго, одлучува Владата“, рече Артан Арслани, директор на Центарот за култура во Тетово.

Една од актерките од Тетово, Албана Љоки, за „Порталб.мк“ изрази голем песимизам во врска со текот на изградбата на овој театар. Според неа, на културата во Тетово со бавни, но сигурни чекори, и се инсталира „канцер“ а ние ќе реагираме, кога истиот веќе ќе избувне.

„Поминаа повеќе од 10 години откако изградбата на овој театар е барање на актерите од регионот, а состојбата и понатаму останува иста. Ние луѓето сме чудни, во моментот кога имаме главоболки не се грижиме и затоа и така нашето тело навикнува на таа болка сè до моментот кога ќе се појави канцер. Така навикнати сме со нереализирање на проекти сè до моментот кога ќе се појават експлозии, што во овој случај е уништување на културата, како многу важна сфера на нашите животи. Јас лично не верувам во ништо во оваа земја, особено не за градење на успех, ние како народ треба да бидеме посвесни за тоа што се случува и да не трчаме по толпата“, рече Албана Љоки, актерка.

Се ветува уште од 2010 година!

Изградбата на Центарот за култура во Тетово беше ветена на 6 октомври 2010 година, кога тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, го претстави идејното решение за изгледот на еден мултифункционален театар, што треба да понуди театар, кино и библиотека.

Камен-темелникот за изградба на овој објект беше поставен на 28 ноември 2014 година. Цената на првата фаза за изградба на објектот беше проектирана на 13,5 милиони евра, додека со почетокот на втората фаза и објавувањето на тендерот за внатрешно средување, цената ќе достигне 40 милиони евра.

Проектот за изградба на овој мултифункционален културен центар е еден од капиталните проекти на претходната влада, планиран да се реализира пред неколку години. Со изградбата на центарот ќе се реши просторниот проблем за повеќе институции во Тетово, како што се театарот, библиотеката, културниот центар и други, кои функционираат на едно место неколку години. Чекајќи ја реализацијата на овој проект, културните и уметничките активности се одвиваат во привремени објекти во услови надвор од стандардите, додека Библиотеката „Кочо Рацин” и понатаму останува мала, со малку книги и лоши услови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...