Без урбанистичко планирање ќе нема планирање на економски развој на руралните општини. Користењето на средства од ИПАРД програмите или каква било друга инвестиција без урбанистички планови (УП) е невозможно, информираат градоначалниците на општините Вевчани и Дебрца.

Изработката на урбанистичките планови во руралните населени места од југозападниот дел на земјава најчесто е заглавена во бирократските лавиринти.

– Постапките за носење на урбанистички планови се долготрајни, имаме ситуација на започната постапка за донесување на УП за село во 2014 година, а денес сме 2019 година и не се донесени. Тоа е поради сложената и обемна постапка која се кочи во централните органи на власта – вели Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца.

Градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски вели дека развојот на туризмот, од којшто во голема мерка зависи оваа локална самоуправа, исто така зависи од донесување на Генералниот урбанистички план (ГУП) за ова место.

– Од 2014 година е почната изработката на ГУП. Се добило негативно мислење, урбанистичкиот план влегувал во заштитена зона и се добило негативно мислење од Министерството за животна средина. Пообемна е таа работа и треба многу дозволи од разни институции за да се добијат урбанистички планови. За секој проект, ако нема УП, не може да се конкурира. Ние имаме места надвор од УП и сакаме да изработиме опфат за УП за да градиме на атрактивни излетнички места, како кампови и други содржини за привлекување на туристи – вели Јанкоски.

Градоначалникот на Дебрца се надева дека до крајот на годината ќе се завршат сите 11 урбанистички планови. Седум од нив се веќе завршени и остануваат за финиширање уште четири. Очекува дека тоа ќе е во прилог на завршување на проектот за изградба на планинарскиот дом во селото Брежани.