fbpx

Добриот старт на Антикорупциска ја става на тест извршната власт и целото оштество

-

Иако до пред неколку денови се чинеше дека главна тема пред вториот круг од изборите ќе биде проблематичниот цензус за вториот круг од претседателските избори, на два дена пред гласањето тоа се чини дека е депласирано прашање и останува да се види кој ќе биде победникот. Но, затоа со своите постапки заслужува да биде издвоена Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси, која имаше и повеќе од успешен старт, иако ефективно функционира околу два месеци.

И тоа не само со редовното и храброто справување со над 400 предмети кои реши да ги отвори (што е повеќе од 50 по член, зашто има 7 членови), туку и поради некалкулантството во отворањето и решавањето на предметите, без оглед на „незгодните“ датуми.

Да потсетиме – на 23.04.2019 г., само два дена по првиот круг од претседателските избори, чиј резултат беше своевиден туш за владејачките партии, бидејќи нивниот консензуален кандидат освои само нецели 4.000 гласови повеќе од кандидатката на опозицијата, ДКСК или Антикорупциската комисија излезе со првите решени предмети за пријавите за можно непотистичко влијание, односно судир на интереси при вработувања на повеќе лица во јавната администрација или во јавните препријатија со доминантен државен капитал. Студениот туш предизвикан од резултатите од изборите беше засилен со уште „постудена вода“ од Антикорупциската која соопшти дека кај повеќе пратениции или министри од владејачката гарнитура открила дека постоел судир на интереси или реално можно влијание при процедурата на отворање на нови работни места или вработување на своите блиски.

Министер за економија, пратеник и генерален секретар на партијата, пратеничка која претходно се прослави со легалното но срамното користење високи суми за превоз од страна на Собранието…овие имиња и презимиња на таков изборен резултат делуваа депримирачки за владејачката коалиција и нините шанси за изборите. „Каде најдоа баш сега“? „Зошто сега“? Имаше еден куп поставени вакви прашања по социјалните мрежи.

Сега, на два дена пред вториот круг, Антикорупциска не само што продолжи да објавува вакви случаи, туку соопшти и дека решила да отвори истрага, т.е. предмет за тоа дали имало влијание при добивањето на концесии за мали хидроелектрани на комапнија во чиј сопственички удел учествува и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, бидејќи тој во исто време кога фирмата ја добила концесијата, бил и директор на ЕЛЕМ и советник на екс-премиерот Никола Груевски за енергетика.

И повторно запрепастувачки или потценувачки реакции, пред сè од Мицкоски и неговите симпатизери или членови на партија на социјалните мрежи. Демек, работата била првидна и овие од власта влијале за таквиот потег на Антикорупциска за да си го подигнат рејтингот пред вториот круг.

И повторно погрешно. Кој не ги познава повеќето ликови од Антикорупциска, може да се присети или да ги врати снимките од нивниото јавно излагање на нивните идеи и мотиви да конкурираат да станат членови пред надлежната комисија во Собранието, нешто што досега не е видено во општествениот живот во земјава и нешто што очигледно вродува со плод и дава резултати. Не мора да значи дека се избрани најдобрите, но очигледно избраните се одлични лица професионалци во нивните професии досега, кои како независни функционери и сега знаат да си ја вршат работат, бидејќи очигледно и се стручни и ги бива.

Токму затоа, после години срамење, буквално срамење од неработата на старите состави на Антикорупциската комисија, во која смешни човечиња на прашање за имотот на поранешниот премиер знаеа да кажат – „зошто тоа ве интересира“ и „еве ви ги последните податоци и да го затвориме ова прашње за век и веков амин“, конечно имаме состав на Антикорупциска комисија кој ветува и кој може да придонесе ова прашање што ги мачи сите граѓани во државата, и е услов за евроинтеграциските процеси, да биде затворено на релативно задоволителен начин, бидејќи ДКСК е всушност е еден од двата главни органи во државата што се бори против корупција и судир на интереси. Тајмингот на нивните одлуки, пак, го засилува ефектот на независност, зашто за Антикорупциска, суд, обвинителство, полиција…не треба да има „погодни“ или „непогодни“ тајминзи за нивната работа.

Но, токму затоа, уште еднаш, овие почетни резултати од ДКСК треба да бидат препознати и наградени од општеството, а пред се од трите власти во државата. Судско-обвинителската власт треба да биде поттикната и тесно да соработува со ДКСК. Парламентарната треба со внимание да ги чита нивните извештаи, бидејќи два пати годишно имаат обврска да го информираат Собранието за својата работа и согласно информациите да предагаат мерки, решенија, измени на закони или да поведуваат други постапки, пратениците треба сериозно да постапуваат по овие информации. А извршната, Владата и сите нејзини министерства и други институции, треба не само да помогнат технички да се забрза електронскот поврзување на ДКСК со преку 60 бази на податоци во државата, туку пред се треба да и обезбедат финансии, односно доволно пари. Зашто, како што вели еден член на ДКСК, не е само до политичката независност или до стручноста. За да фукционира ДКСК, треба да има и финансиска независност.

А само за потсетување, иако има отворено преку 400 предмети за само два месеца, ДКСК функционира со буџет од минатите години, кога практично ништо не работеше и со секретаријат со ист број на луѓе. Ете тука ќе се види вистинската волја на власта за справување со корупцијата.

Автор: Теофил Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...