Судијката Добрила Кацарска денеска е избрана за нов претседател на Уставниот суд со мнозинство гласови, на затворена седница. Таа доаѓа на местото на досегашниот претседател, Сали Мурати, кој ја напушта претседателската и судската функција во Уставен, поради завршување на мандатот и немање на право на реизбор. Тој оваа функција ја извршуваше од 30 октомври 2019 година.

Кацарска е избрана со шест гласа „за“ , од вкупно девет уставни судии, со што било постигнато потребното двотретинско мнозинство за избор на претседател на судот.

Според процедурата, прво се предлагаат кандидати за претседател на Уставниот суд, потоа се избира Комисија за утврдување на предлог за кандидат која треба да подготви извештај, и се избира новиот претседател со тригодишен мандат.

Кацарска беше избрана за уставен судија лани во ноември, по предлог на Судскиот совет, а беше судијка во Кривичниот суд од 1986 година. Таа зад себе има 38 години стаж во судството, од кои 34 како судијка. Покрај другите судски функции, беше и претседателка на Основниот суд Скопје 1, од 2005 до 2009 година, а потоа и ВД Претседател на овој суд. Во 2018 година била распоредена во Одделението надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција.

Таа во предметот „Тенк“, донесе осудителни, затворски пресуди за Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски поради набавката на скапиот блиндиран мерцедес за владата. Кацарска го судеше и предметот за настаните од 27 април, и токму поради овие судски случаи имаше обвинувања од опозицијата при нејзиниот избор за уставна судијка.