„Ние сме четири пријателки и комшивки и секое утро се собиравме кај некоја во домот или дворот за да пиеме кафе и да си поразговараме. Од кога кажаа дека има вирус, престанавме да си одиме на гости и сите пиеме кафе сами дома“.

Вака го започнува разговорот госпоѓа Гуга, откако ги застанавме на улица со нејзината пријателка за да ги прашаме каков е животот во единствениот македонски град без ниту еден случај на корона вирус од почетокот на пандемијата.

Вкупната бројка на пациенти дијагностицирани со ковид-19 во државата заклучно со денешниот ден изнесува 9.797. Но, ниту еден од нив не е регистриран во Македонска Каменица. Оваа мала општина сместена на истокот на државата, до вчера успешно се бореше со невидливиот непријател кој го напаѓа здравјето на граѓаните. Во потрага по рецептот за имунитет од ковид-19, тргнавме во посета на Македонска Каменица за да разговараме со граѓаните и со надлежните и да видиме како се одвива нивното секојдневие и која е тајната за отпорност на новиот вирус.

Но, нашата идеја да ја пренесеме сликата од последното упориште, набргу по пристигнувањето се чинеше дека ќе пропадне. За време на посетата на градот, бевме сведоци и на пристигнувањето на гласини за првиот пациент заболен од ковид-19.

Македонска Каменица
Македонска Каменица / фото: Гоше Николов

Зеленилото кое покрива значителен дел од градската површина може да се забележи уште при влезот во општината. Македонска Каменица се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини, па уште при излегувањето од автомобил се чувствува вдишувањето на чист воздух, различен и нетипичен за повеќето македонски градови.

Гуга и нејзината пријателка ги затекнавме пред маркет. Кога забележаа дека фотографираме, веднаш реагираа дека почитуваат мерки и правила и покрај тоа што едната од нив не носеше заштитна маска.

„Јас носам маска во џеб, но зашто се шетам на отворено не ја ставам на лицето. Еве пријателката влезе во продавница и си стави маска. Јас надвор не ја носам“ додава нејзината пријателка.

На влезот од маркетот можеа да се забележат неколку известувања поставени на видливо место кои забрануваа влез без заштитна маска и кои советуваа одржување на дистанца од најмалку два метра. Речиси сите граѓани кои ги прашавме дали и колку се почитуваат препораките, го даваа истиот одговор: при влез во објекти маски се носат и растојание се одржува, но не и на отворено.

„Кога се оди во продавница, маркет, пошта или банка, сите носат маски, затоа што се задолжителни. Кога сме надвор држиме растојание еден од друг па маски не носиме“, велат група на граѓани кои седеа на една клупа и чии маски исто така се наоѓаа во џебовите.

Две семејства покрај кејот на реката во Македонска Каменица
Две семејства покрај кејот на реката во Македонска Каменица / фото: Гоше Николов

Главната улица „Александар Македонски“ е најфреквентното место во градот, но сепак и овде, поради топлото време, можеа да се забележат само неколку минувачи.

Улицата „Александар Македонски“ / фото: Гоше Николов

Седумдесетгодишниот Трајан има хроничен бронхитис и е свесен оти болеста е полоша кај луѓето со респираторни проблеми, па затоа и стравува од него. Отсуството на вирусот од градот очигледно предизвикало и сомнежи помеѓу граѓаните за неговото постоење.

„Некои луѓе не веруваат, мислат дека корона вирусот е лага и измислица. Со таквите луѓе јас постојано се расправам, што веќе е апсурдно. Граѓаните не се придржуваат баш до препораките. Ако се свртите наоколу дали ќе најдете два-тројца што носат маски. Особено младите не носат маски. Да бидеме сите сериозни, затоа што вирусот не е шега. Не е тешко да се носи маска и да се одржува растојание“, вели тој.

Македонска Каменица
фото: Гоше Николов

Додава дека причината зошто нема ниту еден случај на ковид-19 е тоа што градот е прилично изолиран и не доаѓаат многу луѓе однадвор.

„Немаме никаков посебен имунитет“, вели Трајан.

„Се дружиме фамилијарно, во круг на поблиски луѓе, не се мешаме со сите. Можеби затоа вирусот не е раширен. Мислам дека не постои кај нас затоа што внимаваме. Има и други градови со мал број граѓани, па сепак има вирус“, се труди да појасни друг граѓанин.

Нивните објаснувања за довчерашното отсуство на вирусот беа едни од пологичните кои ги добивме. Но, слушнавме и доста интересни толкувања, кои отпорноста на корона вирусот ја поврзуваа со чистиот воздух и присуството на некои растенија.

„Нема вирус зашто сме паметен народ и имаме чист воздух. Ветрот доаѓа од сите страни и вирусот лета надолу, не останува кај нас. Повеќе се плашам од жив човек, од корона не“, вели Љубе.

„Велат каде што има папрат вирус не постои“, побрза да ни каже еден 90-годишен граѓанин кој никогаш порано во својот живот не чул за сличен вирус.

„Ние пиеме алкохол и пушиме цигари и тоа ни е заштита“, низ насмевка одговара негов пријател.

И покрај исклучоците, сепак можеше да се забележи дека најголем дел од возрасните носат маски. Но, тоа не беше случај и со помладите.

Илија има 13 години, живее во Скопје и веќе неколку денови е на гости во Македонска Каменица. Го затекнавме со другарите во еден од парковите. Беше единствениот помеѓу нив кој веруваше во опасноста и сериозноста на вирусот. Останатите срамежливо изговараа дека не се плашат.

„Во Скопје бев навикнат секаде каде што ќе излезам да носам маска, макар и на улица да излезам со еден пријател пред зграда, маска носев. Дојдов овде и ситуацијата е спротивна. На почетокот и овде се плашеа, но сега не толку. Старите носат маски како што можев да забележам. Ние младите не толку, зашто сè уште нема потврден случај. На пример сега и тука да се појави некој заразен мислам дека и тука сите ќе внимаваат. Дека сè уште нема случај сите се поопуштени“, вели Илија.

Деца во Македонска Каменица
Илија со другарите / фото: Гоше Николов

Според дел ог граѓаните, случај на ковид-19 во Македонска Каменица немало затоа што не се правеле тестирања. Маалските муабети одеа и подалеку, вклучувајќи теории на заговор. Според дел од нив, корона вирусот веќе навлегол таму, но истиот бил сокриван поради тоа што во случај на постоење на вирусот, ќе дошло до затворање на рудникот „Саса“ кој се наоѓа во непосредна близина, а од кој, како што велат, се прехрануваат голем дел од граѓаните и семејствата.

Оваа теорија се чини на крај ќе се покаже како неточна. Додека разговаравме со граѓаните, започнаа да пристигнуваат гласините дека истиот ден излегол првиот позитивен тест на корона вирус во градот.

Продолжува…….