Доаѓа крајот на споделувањето лозинки за гледање на Нетфликс

фото: @dclmister на Unsplash

Од почетокот на 2023 година, Нетфликс ќе започне да наплаќа дополнителни средства на оние корисници што ќе ја споделат нивната лозинка на други лица, пишува CNET. Нетфликс сака да ги примора оние што гледаат бесплатно филмови и серии на нивната платформа да платат за ваквите услуги.

На Нетфликс ќе се воведе систем што ќе додава дополнителни надоместоци на вашиот акаунт преку потсметка „дополнителен корисник“, во случај лица надвор од вашето домаќинство да го користат вашето членство на Нетфликс за гледање филмови и серии.

Од компанијата засега не прецизираат колкави ќе бидат дополнителните средства што ќе треба да се платат за споделувањето лозинки за гледање, но овој новитет веќе се тестира во неколку земји од Јужна Америка каде се наплаќа надоместок за секој дополнителен член во вредност од приближно една четвртина од цената на стандардната претплата на Нетфликс.

Доколку се одлучи да го примени ваквото тестирање во пракса, тоа значи дека Нетфликс догодина ќе наплаќа во САД помеѓу 3 и пол и 4 долари за секој дополнителнен корисник на лозинката што веќе ја имате. Ваквиот потег на Нетфликс следи откако годинава ги забележа најголемите загуби на корисници досега.

Доминацијата на Нетфликс во стримингот на видеа, ги мотивираше и останатите големи медиумски компании од Холивуд да вложат милијарди долари во сопствени платформи за стриминг, со што се засили конкуренцијата во овој бизнис.

Покрај воведувањето надоместок за споделување на лозинка, Нетфликс веќе соопшти дека ќе лансира поевтини претплати за корисниците, во замена за емитување на реклами при гледањето филмови и серии.