Фото: Скриншот од веб-страница на ДЗС

Државниот завод за статистика до утрово до 8 часот евидентирал 121.520 лица од дијаспората што се самопопишале преку веб-апликацијата. Бројката на попишани иселеници продолжува да расте, а нивниот број е најголем во европските земји. Лицата кои живеат надвор од земјава ќе можат да се самопопишат преку веб-апликацијата во било кое време во периодот до 21 април.

Од Државниот завод за статистика веќе излегоа со соопштение дека за самопопишувањето, на иселениците им се потребни околу 10 минути за да ги внесат нивните податоци во апликацијата.

Во меѓувреме, продолжуваат подготовките за реализација на пописот што ќе се одржи во земјава од 1 до 21 април. Државниот завод за статистика го објави списокот на пријавени кандидати од третиот конкурс за реонски попишувачи низ општините.

Повикот се однесуваше само за реоните каде недостасуваат попишувачи, а со цел да се запази принципот секое населено место да има локален попишувач кој го познава местото и населението што живее таму, како и да има доволно попишувачи кои можат процесот да го спроведат на јазиците кои се загарантирани со Уставот на Северна Македонија.

Инаку, пописот во земјава почна на 1 март за дијаспората, која што се самопопишува преку веб-апликацијата. Во првичната фаза исто така се попишуваа дипломатите и нивните семејства кои живеат надвор од земјата, лицата во казнено-поправните установи и во воспитно-поправните установи, припадниците на Армијата на РСМ и бездомните лица. Другите граѓани што не спаѓаат во овие категории од населението ќе треба да се попишат во периодот од 1 до 21 април.