Граѓанската организација „Цивил“ информира дека од почетокот на изборниот молк до 14 часот, до нив стигнале околу триесет извештаи од изборните набљудувачи, како и десетина пријави од граѓани, за кршење на изборниот молк и за притисоци врз гласачите.

– Вработени во една скопска општина во моментов организирано се јавуваат кај гласачите и вршат агитација и притисок. Истото го нотира и набљудувачот од село Матејче, општина Липково, кој јавува за кршење на изборниот молк од страна на две политички партии во ова село. Во текот на изборниот молк, во населбата Маџари, Скопско, се појавил печатен материјал со црна кампања против опозицискиот лидер Зоран Заев, во кој пишува дека тој ќе ја кантонизира Македонија – се вели во соопштението на „Цивил“.

Оттаму информираат дека во село Подареш, општина Радовиш, во тек е изградба на пат, што претставува кршење на изборниот молк. Иста ситуација е нотирана и во село Миравци, општина Гевгелија. Во Ново Лисиче, пак, осамнале знамиња на ВМРО-ДПМНЕ на бандерите во екот на изборниот молк.

Од „Цивил“ повторно ги повикуваа сите актери во изборниот процес да престанат со притисоци врз гласачите, а граѓаните да пријавуваат нерегуларности, притисоци и поткуп.