Министерството за транспорт и врски го изработува тендерот за воведување на Интелигентен транспортен систем (ИТС) на автопатот од Коридор 10. Претстојните предвремени парламентарни избори нема да влијаат на реализацијата на овој проект, така што се очекува најдоцна до средината на оваа година да се распише тендерската постапка за избор на најповолен понудувач, информираат од ова министерство за „Мета.мк“.

Идниот комуникациско – информациски систем за контрола и управување на сообраќајот вклучува поставување на камери за видео – надзор, метеоролошки станици, електронска сигнализација и СОС телефони на автопатот од Табановце до Гевгелија. Целокупната опрема ќе биде поврзана со Контролните центри на Јавното претпријатие за државни патишта во Петровец и Неготино, од каде што деноноќно ќе се мониторираат временските услови на автопатот и сообраќајот. Возачите во реално време ќе се информираат за условите на патот и за препорачаната брзина на движење на одделни делници.

Овој систем се очекува да проработи до 2022 година, со што ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот на овој автопат. Неговата имплементација ќе чини 18,6 милиони евра, кои се обезбедени со заем од Светската банка. Проектната документација за ИТС ја изработија Градежниот институт Македонија и „Promel sistemi“ од Загреб, додека ревизијата на проектот ја изврши Градежниот факултет при УКИМ.