Извор на фотографија: ЈП за државни патишта

Непречено тече изведбата на првите два километри од автопатот Скопје-Блаце, на потегот од граничниот премин до клучката кај селото Блаце. Со затоплувањето на времето, очекувањата на властите од изведувачот „Гранит“ и надзорот Градежен институт Македонија се да ја забрзаат изведбата на првата фаза од овој проект. Во моментов се изведуваат земјени работи на трасата (ископи на усеци и изведба на насип), како и дислокација на подземните инсталации на терен. Експропријацијата на земјиштето на кое се гради автопатот е завршено во првата фаза.

Ова на терен денеска го изјавија вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, кои беа на увид на градежните работи на првата фаза од автопатот која што чини 14,26 милиони евра.

Министерот Бочварски даде појаснувања за изведбата на втората фаза од автопатот, на потегот од селото Блаце до клучката Стенковец на скопската обиколница, долга 10,5 километри. Тој рече дека проектантот веќе го изработил идејниот проект, којшто е во фаза на одобрување од релевантните институции во земјава. Следува изработката на основниот проект за втората фаза од автопатот, по што Јавното претпријатие за државни патишта ќе го распише тендерот за изградба.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми рече дека за втората фаза од автопатот во моментов на терен се вршат геомеханички и геотехнички испитувања. Тој очекува до септември да се изработи основниот проект, по што есента да отпочне процедурата за изработка и распишување на тендерот за избор на изведувач на втората фаза од овој автопат. Финансиските средства веќе се обезбеди од страна на Европската банка за обнова и развој.

Вицепремиерот Артан Груби денеска информираше дека се водат разговори со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов за проектирање и изведба на постојниот Качанички пат во булеварско решение. Со новата одлука на Советот на Град Скопје, овој пат е преименуван во булевар „Хасан Приштина“, а градските власти би требало да ја реконструираат и прошират сообраќајницата од Момин Поток до клучката Стенковец на скопската обиколница.