Фото: Арбнора Мемети

Производителот на вакцини против ковид-19, компанијата „Фајзер-Бионтек“ денеска до Министерството за здравство, го испрати договорот за купување вакцини со кој е предвидено во текот на цела 2021 година, на С. Македонија да ѝ испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи овој месец кога ќе бидат испорачани 21.060 дози вакцини.

„Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена да се чува 6 часа. Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација“ појаснија од Министерството за здравство.

Ова денеска го потврди и премиерот Зоран Заев кој најави дека веќе во вториот, третиот и четвртиот квартал земјата ќе има поголеми количини на вакцини. Заев  одговори на јавните критики за неспособност на владата и несериозност кон македонските граѓани со пролонгирањето на набавките на вакцини.

„Не се работи за несериозност, затоа што знае целиот свет, знае и целиот наш македонски народ дека единствена причина е недостатокот во производство во делот на количините на вакцини за било која вакцина. Ние сме мала земја. Сакам да гарантирам на нашиот народ дека како влада имаме направено повеќе од тоа што е доволно. Имајќи предвид дека повеќе од еден милион народ треба да се вакцинира за да постигнеме имунизацијата, за што е потребно два милиони вакцини. Ако ги броите 800.000 илјади „Фајзер“, 833.000 Ковакс механизмот, 400.000 – двапати по 200.000 од Кина, 200.000 имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согласно грантот од 70 милиони евра, донациите кои дополнително ги најавија сите соседи стигнуваме до 2,5 милиони“, изјави Заев.

Премиерот не прифаќа дека владата и Министерството за здравство не направиле доволно напори да се набават вакцини.

„Сме ги фатиле сите механизми и сите алатки да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс на сè што е неопходно. Јас верувам, денови се во прашање“, изјави Заев, кој упати апел до граѓаните да ги следат препораките на здравствени власти и граѓаните да се пријават за вакцинирање, бидејќи како што рече вакцината е одбрана од вирусот.

На денешниот настан во близина на Штип, каде беше означен официјалниот почеток на изградба на далекуводот Штип – Овче Поле, премиерот Заев одговарајќи на прашањето за стабилноста на мнозинството во Собранието, рече дека негов постојан напор е да го зголеми тој број.

„Убаво е мнозинството да е поголемо од 62. Полесно е, ама вака нè држи будни. Верувам дека ќе издржи четири години и тоа носи свои придобивки. Јас ја користам секоја можност, и ќе искористам приликата да упатам апел на ниво на проекти, на закони да застанат колку што може повеќе од 62, и продолжувам да работам, да анимирам, да се приклучат пратеници. Ако успееме, веднаш ќе соопштам. Ако не, и 62 е стабилно мнозинство. Тешко беше за време на пандемија – имате еден болен, еден во изолација и готово. Немате мнозинство да почнете седница, да носите одлуки. Претходниот пат почнавме со 62, завршивме со 67, за некои работи и 81 како што беа уставните промени, Законот за јавното обвинителство, за одбраната итн. За целиот период кога бевме 67 на клупите имаше и 58-59 од различни причини. Така што, тоа е релативна работа, парламентарното мнозинство треба да биде обезбедено со 61, сега е 62 и во иднина треба да расте“, кажа Заев.

Рече дека е благодарен што сета е тргната неизвесноста кај граѓаните.

„Долг период, три-четири, ако не и шест месеци, имаме закани дека не постои парламентарно мнозинство, дека Владата ќе падне, а тоа влијае на целиот народ, влијае на економијата, на администрацијата, на Владата, овие облаци, оваа магла ја тргнавме, и тоа е многу значајно заради општествените придобивки“, рече Заев.

Според Заев, клучни закони се заглавени во Собранието, меѓу кои, како што рече, најважни се Законот за енергетска ефикасност, со предвидените 25 милиони евра за државните институции и 10 милион евра за општинските институции. Додека 50 милиони евра од Светска банка се наменети за земјоделството, за откупни пунктови во Струмица, Скопје и Ресен.