До крајот на неделава ќе се знае дали наставата ќе се одвива онлајн или со физичко присуство

Фото: МОН

Одлуката за започнувањето на наставата онлајн или со физичко присуство на учениците во второто полугодие ќе биде донесена на седница на Владата до крајот на неделава, а МОН ќе има состаноци со надлежните во здраството, соопшти денес министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

„До крајот на неделата ќе имаме состаноци и пред почетокот на второто полугодие ќе се има и ставот на Комисијата за заразни болести и на Кризниот штаб. Ги имаме предвид и повиците од УНИЦЕФ, кое е за физичко присуство на настава, а и ние сите, и наставниот кадар, свесни сме за придобивките од физичкото присуство. И според податоците, во првото полугодие, имавме многу мал број на заразени деца. Нашата одлука ќе беше лесна ако ја имавме истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври. Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени“, изјави министерот при денешната посета на Државниот универзитет во Тетово.

Според него мерките за заштита од вирусот треба да се почитуваат насекаде и надвор од училиштата. Тој посочи дека градинките се постојано отворени, функционираат и други сектори, а за него како министер најважно е што децата одвај чекаат да почне учебната година.
„Не значи дека ако нема настава, повеќе ги почитуваме препораките отколку кога сме на настава. Каква и да биде одлуката, МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта ако наставата биде со физичко присуство. До крајот на неделата ќе има конечна одлука и каква и таа да биде – физичка настава или онлајн, коментарите ќе бидат различни. Но, ќе се земат сите придобивки од двете варијанти“, нагласи Шаќири.
Одлуката за продолжување на зимскиот распуст до 1-ви февруари беше донесена минатата недела на втората Владина седница по препорака на Главниот координативен кризен штаб за справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот. При донесувањето на оваа одлука беше потенцирано дека истата нема да го продолжи крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10-ти јуни.