До крајот на годината тендер за регионалната депонија во Свети Николе, изградбата догодина

Фото: Мета.мк

Со задоцнување од речиси една година, наскоро ќе се објави меѓународниот тендер за изградба на регионалната депонија во Општина Свети Николе и шесте претоварни станици во Источниот и Североисточниот плански регион. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешниот брифинг за новинарите изјави дека подготвената тендерска документација е целосно ревидирана и до крајот на неделава ќе се достави до секторот за Централно финансирање и склучување договори (ЦФСД) и до Делегацијата на Европската Унија на одобрување.

„Следен чекор е објавува на тендерот по што ќе следи 90 дена период за доставување на понудите од заинтересираните понудувачи и спроведување на евалуционата постапка. Се планира склучување на договорот и почеток на активностите за градба во втората половина на 2023 година“, изјави министерот Нуредини.

Тој денеска најави дека проектната документација за воспоставување на интегриран и самоодржлив регионален систем за управување со отпад во двата плански региона бил исцртан во 2012/2023 година, а причината поради која се доцни со неговата имплементација се проблематичните локации на кои било предвидено да се градат претоварните станици за отпад во Куманово, Ранковце и Виница.

Министерот Нуредини брифираше дека на првичните локации на кои било замислено да се градат претоварните станици е невозможно да се гради. Претоварната станица во Куманово била предвидена да се изведе на помалку од 50 метри од патниот Коридор 8 кон Бугарија, при што законски на оваа локација не може да се изгради. Во Општина Ранковце, трансфер станицата за отпад била предвидена да се изгради под магистралниот гасовод што води кон Бугарија, додека за претоварната станица во Виница била избрана локација до која немало пристапен пат.

Ваквите проблеми морало да се отстранат, но и посочи дека локациите на трите трансфер станици за отпад биле исцртани од меѓународни експерти, а не од министерството.

Нуредини очекува ЦФСД и Делегацијата на ЕУ до крајот на годинава да го одобрат тендерот, по што ќе следи и неговата објава. Финансиските средства се обезбедени преку ИПА 2 програмата на ЕУ и истите претставуваат неповратен грант во износ од околу 40 милиони евра.

Министерот Насер Нуредини денеска официјално не сакаше да го коментира досегашното противење на Општина Свети Николе за избраната локација на која треба да се гради регионалната депонија во овчеполското село Мечкуевци. Инаку, на почетокот од годинава во неколку наврати светиниколскиот градоначалник јавно изјави дека е против изградбата на оваа современа фабрика за отпад, а на ваков начин се изјаснија и советниците од општинскиот совет во Свети Николе.

И по состанокот на градоначалниците, Свети Николе против изградба на регионалната депонија кај Мечкуевци

Мета.мк веќе пишуваше дека Европската Комисија во најновиот Извештај за реформскиот напредок на земјава на патот кон ЕУ ги критикуваше македонските власти за одолговлекувањето на изградбата на регионалната депонија во Источниот и Североисточниот регион. Општина Свети Николе беше експлицитно наведена во Извештајот дека го кочи процесот за изградба на современата регионална депонија за двата региона, за која веќе се обезбедени финансиски средства од ЕУ.

Кочењето на регионалната депонија во Свети Николе стигна до Извештајот на ЕК

„Започнаа активности за изградба на регионален систем за управување со отпад во неколку региони. Воведувањето на регионален систем за управување со отпад во Североисточниот и Источниот реегион дополнително е одложено поради отпорот на општина Свети Николе како локација каде треба да се гради централниот капацитет за управување со отпад“, се наведува од Европската комисија во Извештајот на реформскиот напредок на земјава кон ЕУ во 2022 година.

Инаку, со реакција за доцнењето на воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад се јавија и од еколошките организации во земјава. Кон средината на декември годинава, еколошките организации ќе го презентираат новиот извештај во сенка за Поглавјето 27 – Животна средина и клима.

На неодамнешната дводневна обука за следење на напредокот во спроведувањето на подпоглавјата од Поглавје 27 – Животна средина и клима, што се одржа во организација на Центарот за климатски промени, беше споменато дека моменталната состојба во државата се карактеризира со многу мал напредок во развојот на инфраструктурата за управување со отпад. Постојните општински депонии не ги исполнуваат ниту основните услови за безбедно отстранување на отпадот.