fbpx

До 2040 година ќе ни требаат 1,5 милијарди евра за енергетска ефикасност на зградите (инфографик)

-

На Македонија ќе ѝ бидат потребни минимум 1,5 милијарди евра до 2040 година за реконструкција на постојните станбени, комерцијални и јавни објекти за спроведување на мерките за енергетска ефикасност, укажува најновата „Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година“.

Во Стратегијата се наведени три сценарија за периодот до 2040 година – референтно, умерена транзиција и зелено, а заедно со нив, и средствата што ќе бидат неопходни да се потрошат за промена на прозорците, вратите и покривите, изведбата на нови фасади и за други зафати и мерки за постигнување на заштеди кај потрошувачката на енергија во веќе изградените објекти низ земјава.

Референтното сценарио предвидува во наредните две децении за реконструкција на постојните објекти да се издвојат 1 милијарда и 576 милиони евра, додека сценариото на умерена транзиција предвидува за оваа намена да се издвојат 1 милијарда и 726 милиони евра. Најмногу средства за енергетска реконструкција на постојните објекти е предвидена со зеленото сценарио, според кое, до 2040 година ќе треба да се издвојат дури 2 милијарди и 558 милиони евра – најмногу за санација на станбените згради низ македонските општини.

Од Министерството за економија за „Мета.мк“ велат дека со новиот Закон за енергетска ефикасност се создал правен основ за усвојување на национална Стратегија за реконструкција на фасадите во претстојниот период. Со користење на методологијата ТАБУЛА, во моментов се изработува типологија на зградите од резиденцијалниот сектор преку собирање на податоци за нив, со цел да се утврди целосен увид во реалната состојба.

– Типологијата за згради ќе претставува појдовна основа за изработка на Стратегијата за реконструкција на згради за домување, јавни и комерцијални згради која согласно Законот за енергетска ефикасност е предвидено да биде донесена најдоцна во рок од две години од влегувањето во сила на законот – потенцираат од Министерството за економија.

Сепак, најголема дилема што ѝ претстои на државата е обезбедувањето средства за примена на мерките за енергетска ефикасност кај постојните објекти. Во тек се подготовки за отпочнување на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој преку заем од Светската банка во висина од 25 милиони евра ќе се намалува потрошувачката на енергија кај овие објекти. Други извори на финансирање од страна на државата ќе треба допрва да се бараат, а повеќе време ќе треба и за формирањето на национален Фонд за енергетска ефикасност.

Од Министерството за економија посочуваат дека законската регулатива за основање на Фонд за енергетска ефикасност ќе треба биде изработена и донесена за приближно една година по отпочнувањето на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, додека националниот Фонд би проработел во рок од две години по почетокот на проектните активности за спроведување на мерките за енергетска ефикасност во јавниот сектор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...