До 10 јули може да се испраќаат предлози за концептот образование на далечина

Фото: Maya Maceka, Unsplash

Министерството за образование и наука ја објави нацрт верзијата на Концептот за развивање систем за образование од далечина во основните и средните училишта во Република Северна Македонија. Концептот е изготвен од Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар, во соработка со УСАИД, УНИЦЕФ, МЦГО, наставници од основните училишта, средните училишта и високообразовните установи во земјата, како и повеќе експерти од областа на образованието и ИКТ сферата.

„Концептот нема да се користи само во услови на криза, елементарни непогоди или вонредни состојби, туку националната платформа и сите нејзини функционалности ќе се користат и во секојдневната работа на училиштата, во комбинирањето на редовната настава со е-содржини, во нудењето различни извори и пристапи на учење, во проверувањето на постигањата на учениците, како и во следењето и вреднувањето на образовниот процес од страна на надлежните образовни институции со единствена цел – да се воспостави флексибилен систем на образование од далечина, лесен за користење, прилагодлив за индивидуални потреби, како и употреблив за учење во училиште – велат од МОН.

Концептот содржи насоки во трите клучни области на кои ќе се развива системот: образовните политики, техничката поддршка/образовната технологија и педагогијата.

До 10 јули (петок) сите заинтересирани кои можат да придонесат кон подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ, може да достават предлози и сугестии на електронската адреса: [email protected].