Уредбите со сила на закон, кои се носат во вонредна состојба, а особено оние со кои се трошат буџетски пари или се користат донации се во фокусот на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во услови на пандемија. Комисијата соопшти дека во надзорот ќе соработува со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

„Сакаме да истакнеме дека во услови на криза, постојат зголемени ризици од корупција, за што сведочат досегашни кризи од помали размери како во нашата, така и во други држави. Оттука, ќе се посвети внимание на јавните набавки, дистрибуцијата на државна помош и донациите, како и работата на инспекторатите“, нагласи ДКСК.

Комисијата им посочи на функционерите и на јавниот сектор дека мора да ги почитуваат начелата на законитост, интегритет, еднаквост, јавност, етичките норми и професионалните стандарди во извршување на своите јавни овластувања и должности. Службените лица не смеат да ја злоупотребуваат својата функција, не смеат да пропуштат да извршат дејствие за кое се задолжени, да ја подредат функцијата на лични интереси, да дискриминираат или да повластуваат ниту да се водат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице.

„Очекуваме дека институциите ќе сторат сѐ, во внатрешните процедури кои се пишуваат врз основа на уредбите со законска сила да бидат вградени соодветни антикорупциски механизми, водејќи се од начелата на етичност, непристрасност и транспарентност. Дополнително очекуваме дека ќе се води јавна евиденција на примателите на државна помош (по различен основ) и донации, добавувачите во јавните набавки и субјектите на инспекциските проверки.“, наведе ДКСК.