ДКСК со јавен повик за средношколци за креативни решенија на тема заштита на укажувачите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) распиша јавен повик за изработка на цртежи, на кој може да учествуваат сите средношколци, особено оние од средните уметнички училишта. Целта на овој повик е да се поттикнат младите да ги искажат своите погледи на тема значењето на укажувачите на корупција и потребата за нивна заштита, преку изработка на визуелни пораки, графики и кратки стрип приказни.

„На тој начин и младата популација ќе се вклучи во процесот на информирање и едукација на јавноста за укажувачите, како модел во општеството, како и за важноста на нивната заштита. Заштитата на укажувачите во општеството е основа за поголем интегиртет на институциите и јакнење на основните демократски вредности. Укажувачите се симбол на одбраната на јавниот, наспроти личниот интерес и имаат многу важна улога во борбата против корупцијата и судирот на интерсите“, порачува ДКСК.

Сите заинтересирани средношколци можат да ги испратат своите креации на следниот линк. Најдобрите дела ќе добијат сертификат и стручна литература од областа на графичкото цртање.

Наградите за најдобрите визуелни пораки ќе бидат доделени на 9. декември 2021 година, на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата и судирот на интерси.

„Укажувачите се многу значаен сегмент во демократските општества, бидејќи се работи за луѓе кои не се двоумат својот комодитет и можносите за напредок во кариерата да ги нарушат заради општото добро. Затоа е важна што поголема едукација на населението за укажувачите и тоа почнувајќи од младите, па сѐ до повозрасните генерации“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.