Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска се огласи со соопштение во кое појаснува дека разрешувањето на претседателот на Комисијата е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Од Комисијата наведуваат дека поднесувањето оставка, како морален чин, е лична одлука и право на самата претседателка, и дека досега таква постапка не е преземена.

„Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот“, се наведува во соопштението.

Од ДКСК истакнуваат дека заради непречено функционирање и исполнување на мисијата на институцијата, важно е Комисијата да работи во полн состав, алудирајќи на моменталната состојба со отсуство на претседателката.

Воедно информираат дека претседателката Татјана Димитровска, согласно изречените мерки од надлежен суд, не доаѓа на работа во изминатиот период.

Соопштението следува откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) поднесе обвинителен предлог против претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, под сомнение дека одала службени тајни и незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.

Според Обвинителството, Димитровска во периодот од мај до декември 2024 година, преку „Вибер“ и „Ватсап“, давала доверливи информации на лице кое е обвинето во предметот „Адитив“. Податоците се однесувале на отворање предмети, одлуки на Комисијата и проверки на имот.

Таа, како што се наведува, му испратила и електронски податоци на ревизор во Државниот завод за ревизија, кој во нејзино име го положил тестот за безбедносна обука, по што ѝ бил издаден безбедносен сертификат со степен на државна тајна.

Освен Димитровска, Обвинителството поднесе обвинителен предлог и против уште две лица. Едната обвинета е раководителка на сектор во ТЕЦ Неготино – АД ЕСМ Скопје, која, според обвинението, на неповикано лице му доставила службена тајна во врска со работењето на правното лице.

Истражната постапка е дел од поголем случај поврзан со предметот „Адитив“.