Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) соопшти дека смета оти членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители се назначени незаконски. Ова е дел од серијата јавни напади над Академијата од страна на новиот состав на ДКСК.
Уште на почетокот на соопштението, од ДКСК потенцираат дека кога тие носат одлука во која се констатира повреда на Законот, „во никој случај“ тоа не претставувало мешање во било која власт, бидејќи, како што велат, законите важат подеднакво за сите.
„Дејствијата и одлуките кои се во спротивност со Законот за спречување на корупција и судир на интереси создаваат ризици од корупција и судир на интереси и не смеат да опстојуваат како такви во правниот промет“, велат од ДКСК.
Оттаму додаваат дека со денешното соопштение „го реафирмираат“ нивниот став од 08.11.2024 година, дека Одлуките на Судскиот совет на РСМ и Советот на јавните обвинители на РСМ за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители не се во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и со Законот за академијата за судии и јавни обвинители.
Како што појаснуваат во ДКСК, членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители кои се од редот на обвинителите и судиите, се избрани да ја вршат функцијата член на совет професионално, а за времетраењето на нивниот мандат како членови на советот не ја извршуваат функцијата судија, односно јавен обвинител, туку истата им мирува.
„Постои пропишана забрана за вршење на други дејности и членување во управни и надзорни одбори за време на вршење на функцијата. Истовремено, со членот 9 од Законот за академијата за судии и јавни обвинители е јасно пропишано дека советите назначуваат по двајца членови од редот на судиите, односно од редот на јавните обвинители, а не од сопствените редови“, се наведува во соопштението.