fbpx

ДКСК бара да се преиспита висината на апанажата за поранешните пратеници и владини функционери

-

„Ако можат луѓето со просечна плата да живеат, зошто да не можат и поранешните пратеници?“, праша денеска Катица Николовска, членот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) која ја презентираше последната анализа на „употребата на буџетските средства од страна на државните органи“, односно како институциите ги трошат парите за апанажа, закуп на станови, патни трошоци, службени возила, репрезентација…

ДКСК проектот го почна лани, а денеска презентираше резултати за последната анализирана група институции, и најави дека ќе бара да се преиспита висината на апанажата.

– Од 2014 до 2018 година од Влада и Собрание, како институции каде што најмногу се користи апанажа, 107 лица користеле, 29 од Влада и 78 од Собрание. За овие надоместоци во периодот што го анализиравме биле потрошени 1.806.000 евра. Просечен износ на апанажа за Влада бил месечно 71.178 денари, а за Собрание 100.000 денари – рече Николовска објавувајќи ги наодите на анализата.

Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лиза им овозможува на функционерите, во зависност од должината на мандатот, да добиваат надоместок во траење од 3, 6, 9 или 12 месеци по престанокот на функцијата, во висина на платата што ја добивале за функцијата. Друга можност, за функционери кои биле вработени пред да стапат на функција, е едноставно да се вратат на старото работно место.

Според ДКСК, од 107 лица, 89 пак се вработиле, но дури откако ја искористиле апанажата, а од нив 46 во државни институции. Осумнаесет не се вработиле.

– Анализата покажува дека избраните и именуваните лица, по престанок на функција,  максимално го користат правото на апанажа, пред се поради високиот износ кој го добиваат. Ќе предложиме да се преиспита износот – нагласи Николовска.

Покрај преиспитување на апанажата, ДКСК ќе бара и со општи акти да бидат уредени трошоците на институциите – од правото на користење службени возила, станови под закуп, до службени платежни картички и репрезентација.

ДКСК анализирала како се регулирани овие трошоци во десетици институции во категориите „самостојни органи на државната управа“, „самостојни државни органи“, „регулаторни тела“ и јавни претпријатија основани од Владата и Собранието.

Најчесто директори и нивните заменици имаат право на неограничено користење службено возило, платежна картичка и трошоци за репрезентација, сите користат стан под закуп и надомест на режиски трошоци согласно владина одлука, а најчесто самите себеси си издаваат решенија за користење на службени возила или други поволности. Во некои државни институции, пак, управните и надзорните одбори се побројни од вработените, а ниедна веб-страница на анализираните институции немала објавено никаков документ кој го регулира трошењето државни пари. Николовска рече дека ДКСК ќе побара Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер да ги испита интернет страниците на посочените институции и да утврди дали ги објавуваат задолжителните документи.

ДКСК денеска информираше дека 12 пратеници од претходниот собраниски состав не доставиле анкетен лист за имотна состојба, обврска при стапување и по заминување од функција, а шестмина задоцниле со доставување. За сите е почната прекршочна постапка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...