Фото: Адам Шулц,јавен домејн, Викимедиа комонс

Заедно со други прекршувачи на демократијата и човековите права на Западен Балкан, и противниците на Преспанскиот договор ќе бидат ставени на новата црна листа на Соединетите Американски Држави. Белата куќа вчера објави дека претседателот Џо Бајден потпишал извршна уредба со којашто на црна листа се ставаат голем број политички и други фигури што ги подриваат мирот, стабилноста, демократијата и територијалниот интегритет на земјите на Западен Балкан.

„Уредбата, исто така, овозможува примена на санкции врз индивидуи и ентитети одговорни за корупција во регионот, вклучувајќи злоупотреба на јавни добра, експропријација на приватни добра за лична добивка или политички причини, или поткуп“, се вели во соопштението објавено од Белата куќа.

Оттаму се додава дека целиот имот на лицата и организациите кои ќе се најдат на оваа листа, а кои во моментот се или ќе бидат на територијата на САД, или во посед или под контрола на личности од САД, ќе бидат блокирани. Дополнително, на лицата од САД им се забранува да стапуваат во какви било трансакции со нив. Исто така, оние што ќе се најдат на листата не можат да добијат американска виза.

„Нашата посветеност за промоција на демократијата, транспарентноста и отчетноста во Западен Балкан е недвосмислена и конзистентна со стандардите и целите кои земјите од регионот мораат да ги исполнат за да обезбедат напредок на Европскиот пат“, велат од Белата куќа.

Проширените критериуми за санкции вклучуваат активности, меѓу другите, поврзани со: закани за мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било држава или област во Западен Балкан; подривање на демократските процеси или институции во Западен Балкан; вклучување во сериозни нарушувања на човековите права во Западен Балкан; и вклученост во корупција поврзана со Западен Балкан.

Притоа јасно се нагласени целите, односно фигурите кон кои се насочени активностите, иако не се наведени нивните имиња. Воедно, имплицитно се наведуваат и противниците и на Преспанскиот договор со Грција и на Охридскиот Рамковен договор.

„[Уредбата] ја зголемува нашата способност да дејствуваме против чинители вклучени во прекршување на, или во чин што спречил или загрозил спроведување на, кој било регионален безбедносен, мировен, кооперациски или заеднички признат договор или рамка на механизми за отчетност поврзани со Западен Балкан, невклучени во претходните уредби, додавајќи ги тука Преспанскиот договор, Заклучоците од конференцијата за спроведување на мирот и Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали, односно наследникот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија“, стои во Уредбата.