fbpx

Џил Бајден не се вакцинирала 18 пати против ковид, вакцините немаат никаква врска со ракот

-

Постот што го рецензираме пласира неточни информации. Прво, не е точно дека првата дама на Америка е вакцинирана 18 пати против ковид, и второ, вакцината против ковид нема никаква врска со појавата на рак на кожа кај неа. Вакцините против ковид не предизвикуваат рак и тие се препорачуваат за луѓето со малигни заболувања, како би се заштитиле од тешки компликации при зараза со коронавирус, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пост на Фејсбук шири лажни вести во врска со вакцините против ковид-19 и здравствената состојба на првата дама на САД, Џил Бајден. Имено, постот споделува вест дека Џил Бајден била оперирана од рак на кожата, што е точно, но наведува дека причина за тоа е што таа била „18 пати пелцана“. Ниту е точно дека Џил Бајден е 18 пати вакцинирана, ниту пак, вакцините против ковид имаат некаква врска со ракот на кожата.

На американската прва дама Џил Бајден ѝ бил дијагностициран рак на базални клетки на еден од најчестите облици на рак на кожата и таа била подложена на процедура за отстранување на канцерогените лезии, јави AP News пренесе „Независен“. Хирурзите ги отстраниле канцерогените лезии над нејзиното десно око, од градите и од левиот очен капак.

Минатата недела нејзината прес-секретарка, Ванеса Валдивија, објави:

За време на рутински скрининг за рак на кожата, беше пронајдена мала лезија над десното око на првата дама. Како мерка на претпазливост, лекарите препорачаа да се отстрани.

Познато е дека Џил Бајден била подложена на „медицинска процедура“ во април 2021 година, во амбулантски центар во близина на Универзитетот Џорџ Вашингтон, но деталите тогаш не биле наведени, пишува порталот Hollywood Life, пренесе Независен.

Џил Бајден досега примила четири дози вакцини против ковид-19, а не 18 како што се тврди во постот кој го рецензираме. Третата доза ја примила на 19.08.2021, а четвртата доза од новата бивалентна вакцина против ковид ја примила на крајот на 2022 година. Таа тоа го открива во видеото кое Белата куќа го објави пред празниците со цел да даде упатства за ковид вакцините и да ги повика граѓаните да се вакцинираат и заштитат од коронавирусот.

(Во видеото од 2:54 до 3:42 минута)

Вакцините против ковид-19 немаат апсолутно никаква поврзаност со појавата на канцерот, односно тие во никој случај не можат да предизвикаат рак и за тоа има научни и медицински докази, спротивно на постот кој го анализираме, кој не нуди никакви докази за своето тврдење.

Токму овој мит дека вакцината би можела да предизвика канцер, е меѓу најчестите и затоа Министерството за здравство на својата веб-страница во делот за факти и митови, образложува дека не е вистинит.

мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната страница за вакцинација на Министерството за здравство.

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер.

Податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19, не покажуваат линк меѓу вакцините и стапката на канцер, според експертите за здравство.

Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид 19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели тој.

Повеќето научници гледаат намалена стапка на канцер од почетокот на пандемијата, затоа што според проценките, барем 20 проценти од луѓето мора да ја одложат медицинската грижа и третман за време на пандемијата, вклучително и тестирање и дијагноза на канцер.

Алцендор вели дека активните состојки во вакцините на „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсон“ не се онкогенични односно не предизвикуваат канцер. Лекарите, исто така, велат дека вакцините се безбедни за луѓето кои веќе имаат канцер.

Во сите упатства за користење на вакцините, ниеден несакан ефект не е канцер. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два.

Пациентите со малигни хематолошки заболувања во Северна Македонија имаат и официјални препораки од Клиниката за хематологија, да се вакцинираат.

Според тоа, можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме пласира неточни информации. Прво, не е точно дека првата дама на Америка е вакцинирана 18 пати против ковид, и второ, вакцината против ковид нема никаква врска со појавата на рак на кожа кај неа. Вакцините против ковид не предизвикуваат рак и тие се препорачуваат за луѓето со малигни заболувања, како би се заштитиле од тешки компликации при зараза со коронавирус. Затоа постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...