Сегашниот В.Д. поглавар, Шаќир Фетаху е еден од двајцата кандидати за нов поглавар на ИВЗ, вториот е муфтијата на Тетово, Ќани Несими | Фото: Арбнора Мемети

Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија на вчерашниот состанок на Ријасетот го објави изборот за Реис ул Улема на ИВЗ, формираше правилник и ја назначи Изборната комисија која ќе се занимава со условите и датумот на изборите, пренесува Порталб.мк.

Селвер Џемаили, шеф на кабинетот на сегашниот В.Д. реис Шаќир Ефенди Фетаху, вели дека Комисијата ќе се состане денес за да ги утврди датумот, изборните правила, но и начинот на гласање.

„Верувам дека Комисијата денес треба да го одреди датумот на изборите. Правилникот е усвоен и предвидена е постапката за тоа како ќе се одржат изборите, за тоа како ќе се пријавуваат кандидатите, кој ги исполнува условите и сл. Верувам дека наскоро ќе бидат објавени во јавноста. Гласањето ќе се врши на демократски начин, Уставот на ИВЗ ги признава обете варијанти, и со тајни и со отворени гласови“, вели Џемаили за Порталб.мк, додавајќи дека смета оти изборниот процес нема да трае подолго од две до три недели.

Според Уставот на ИВЗ, Реис ул Улема е тело и претседател на ИВЗ, кој го претставува верското единство на припадниците на исламот. Изборот на Реис ул Улема се врши во согласност со Правилникот за избор на Реис ул Улема. Овој правилник се подготвува од Изборната комисија и се менува во секој изборен циклус.

Согласно член 36 од Исламската верска заедница РМВ, Ријасетот на ИВЗ предлага, избира и разрешува Реис ул Улема. За Реис ул Улема можат да бидат предложени и избрани лица кои имаат завршено исламски факултети, кои имаат десет години успешно работно искуство во редовите на ИВЗ и имаат над четириесет години.