fbpx

Џафери ја затвори собраниската седница поради немање кворум, на владата не ѝ е изгласана недоверба

-

На 15 минути пред полноќ, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пред членовите на владиниот кабинет, премиерот Зоран Заев и министрите, ја затвори седницата на која требаше да се гласа за доверба на владата. Во салата не беа присутни пратениците.

Како што посочи Џафери, Собранието немаше кворум за да го изгласа дневниот ред на пленарната седница на која единствена точка требаше да биде интерпелацијата на владата, поднесена од 61 пратеник.

Бидејќи не беше обезбеден кворум до 12 часот на полноќ, спикерот на парламентот, ја затвори седницата и констатираше дека не е изгласана недоверба на владата.

„Не ни останува ништо друго освен да констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и останува во состав и со должностите кои ги има“, рече претседателот на Собранието.

Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Левица, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса најавуваа дека денеска ќе падне владата тоа не се случи поради тоа што еден пратеник, Кастриот Реџепи, од редовите на Движењето Беса одлучи да не се појави во Собранието.

Како што напиша Реџепи на Фејсбук утрово, главната причина поради која што нема да се појави на седницата за гласање на доверба на владата, е тоа што ги поддржува евро-интегративните процеси на земјата.

„Државата во овој важен период нема потреба од политичка криза и загазување во немирни води полни со непознаници“, објави Реџепи.

Иако двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, дојдоа на гласање во парламентот облечени во скафандери поради тоа што се позитивни на ковид-19, гласањето не се случи.

Околу 10 часот вечерта, собранието го напуштија опозициските пратеници, а потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски побара „брзи предвремени избори“.

Лидерот, пак, на Левица, Димитар Апасиев, повика на радикализација, протести и блокада на Собранието.

Од друга страна, владеачката СДСМ најави дека утре (12.11.2021) ќе обелодени проширување на мнозинството.

Нешто пред полноќ, претседателот на опозициската партија Алетернатива, Африм Гаши во интервју за ТВ 21 рече дека за нив е најважно државата да се движи напред и не сакаат брзи избори бидејќи тоа не е чесно за граѓаните.

„Сакаме силни гаранции од меѓународниот фактор дека Македонија е блиску до датум за преговори. После изборите во Бугарија очекуваме решавање на спорот. Искрено очекуваме датум за отпочнување на преговори. За тоа треба стабилна Влада“, порача Гаши.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...