Фото: Фесјбук-ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина на 5 март извршил вонреден надзор на асфалтната база Кооп инженеринг ДОО во Куманово, информираат од таму. Граѓаните од населбите Железничка станица, Бедиње и Черкези доставиле видео-запис на кој можел да се види емисија на густ чад, поради што во текот на ненајавениот надзор се извршија мерења на отпадни гасови и прашина од страна на акредитирана лабораторија.

„Целта на мерењата е утврдување на реалните емисии и проверка на претходни извештаи за почитување на граничните вредности од дозволата, нарачани од страна на самата инсталација.Со Извештајот на акредитираната лабораторија се утврди повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина. Во согласност со наодот на лабораторијата, на 12 март на асфалтната база ѝ беше наредено да престане со работа во период до 30 дена, односно додека се постави соодветен вреќаст филтер. Филтерот ќе обезбеди дека со наредни лабораториски мерења емисиите ќе бидат во рамките на дозволените граници,“ се вели во соопштението.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека ќе продолжат со ненајавени мерења на емисиите во воздухот и испуштањето на отпадни води од страна на загадувачите, што ќе ги врши акредитирана лабораторија, ангажирана по пат на јавна набавка.