ДИЖС утврди низа пропусти во работењето на РЕК Осломеј

РЕК Осломеј | Фото: Државен инспекторат за државна средина

Државниот инспекторат за животна средина вчера утврдил низа пропусти во работењето на РЕК Осломеј при извршениот редовен надзор во термоцентралата. По увид во извештај за мерења од страна на акредитирана лабораторија, биле утврдени надминувања на граничните вредности за емисија на прашина, иако отпрашувањето се врши преку електростатски филтер. А од старата депонија, отстранетата сува пепел која се складирала од електростатскиот филтер, се разнесува во услови на ветер.

„Согласно Оперативниот план од Барањето за добивање А интегрирана еколошка дозвола, инсталирано е водено отстранување на пепелта од електростатскиот филтер, па смесата на мокра пепел и шљака од котелот на јаглен се отстранува на депонија/лагуна формирана во јама од рудникот. Преливните води од лагуната се испуштаат во реката Темница и притоа не се врши мерење на нивниот квалитет. На рудникот се отстранува и комунален отпад и отпадни гумени ленти од транспортерите за јаглен“ стои во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.

Инспекторите исто така, утврдиле дека санитарните и технолошките отпадни води се пречистуваат, но капацитетот на пречистителната станица не задоволува.

Од ДИЖС потенцираат дека од 2016 година не се обновени договорите со лиценцирани компании за постапување со посебни текови на отпад, а постапувањето со отпадни масла не е сооодветно. Исто така, хемикалиите за припрема на вода не се чуваат безбедно.

Поради горенаведените пропусти, РЕК Осломеј ќе се задолжи емисиите на прашина да ги доведе во рамките на граничните вредности, да изврши мерења на преливните води од депонијата за пепел и шљака и да склучи договори со лиценцирани компании за постапување со отпад.

„РЕК Осломеј мора да ги подобри условите за складирање на отпадни масла и хемикалии и да се отстрани комуналниот отпад и отпадот од бескрајните гумени ленти за транспорт на јагленот. Санацијата на старата депонија за пепел и проширувањето, односно реконструкцијата на пречистителната станица, бараат поголеми финансиски средства и за спроведување на овие мерки ќе биде неопходно да се утврдат реалистични рокови“ велат од ДИЖС.

Оттаму се децидни дека државата мора да вложува средства за намалување на загадувањето бидејќи како што велат, РЕК Осломеј е голем загадувач што мора да се услогласи со законски утврдените стандарди за заштита на животната средина.

Инаку инсталацијата има доставено Барање за добивање А интегрирана еколошка дозвола во 2007 година, но истата сè уште не е издадена.