ДИЖС: Општина Тетово не може да се санкционира, но може да ѝ се одземат овластувањата поради депониите

Фото: Порталб.мк

Општина Тетово не може да биде санкционирана за нечистење на безбројните диви депонии што се создадени на нејзината територија и во околината, бидејќи тоа не е законски дефинирано. Досегашната директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ана Петровска за Порталб.мк изјави дека такво нешто не е предвидено со закон, но, сепак, според неа, постои можност на општината да ѝ се одземат овластувањата доколку истата не ги спроведува овластувањата што ги има, пишува Порталб.мк.

„Не постои повреда во законот, за да може да се изрече санкција против општината. Што значи дека законот го обврзува Министерството за животна средина да го следи спроведувањето на локалните надлежности поврзани со животната средина од страна на општината и општинските инспектори, но нема санкции. Единствената можност е да се одземат надлежностите на општината. Меѓутоа, вакво нешто досега не се случило. Решението би било да се одземат надлежностите на општината која не ја врши својата работа што се однесува до отпадот“, изјави Петровска.

Таа рече дека, врз основа на надлежностите дефинирани со закон, тие можат да ги надгледуваат локалните и регионалните депонии, но и оние што се диви, бидејќи надлежноста за нивно чистење припаѓа на општината.

„Ние ги надгледуваме општинските депонии со кои управуваат јавните комунални претпријатија. Во Полошкиот регион, ја надгледуваме работата на јавното комунално претпријатие во Тетово и регионалното јавно претпријатие, кое управува со депонијата „Русино“, бидејќи тоа се единствените две депонии што имаат „нерегуларен“ статус, и затоа што тие всушност се општински или регионални. Надлежност за надгледување на сé друго што се фрла како отпад, од домаќинствата или индустриски отпад, имаат општинските инспектори, а надлежност за нивно чистење има и градоначалникот. Тетово нема своја депонија, отпадот мора да се прати во Дрисла, а ние водиме евиденција и проверуваме заедно со компанијата „Дрисла“ дали всушност целиот отпад собран во Тетово се праќа во оваа депонија. Неодамна имавме инспекција во регионалната депонија „Русино“ каде утврдивме дека истата делумно се санира со донација и дека санирањето е речиси готово. Во оваа депонија се чисти безопасен индустриски отпад, за што Министерството за животна средина побара да се направи карактеризација за да се види дали тој вид отпад може да се отстрани во иднина“, рече Петровска.

Таа на денешната прес-конференција рече дека во периодот јануари -јуни 2021 година биле извршени 1.132 инспекции, или 30 отсто повеќе од планираното. Во 2021 година, извршени се 185 повеќе инспекции отколку во 2020 година, односно има зголемување од 20 отсто. Во текот на овие контроли, Државниот инспекторат за труд откри 363 неправилности/законски прекршоци, за кои се донесени решенија за нивно отстранување.

Отпадот долги години бил и понатаму останува еден од главните проблеми на Тетово. Надлежно за управување со овој отпад е Јавното комунално претпријатие (ЈКП), кое повеќе години не најде решение за овој проблем. Со оглед на тоа што ѓубрето од контејнери не се собира и распоредот за нивно собирање не е доволен, а пак надлежните органи не се сериозни и не наоѓаат решение за проблемот, граѓаните продолжуваат да се гушат во реата.

Порталб.мк, претходно информираше дека во Тетово се формирани десетина мали депонии, со што се блокирани некои тротоари за пешаци. Жителите велат дека се фрустрирани од лошата миризба што доаѓа од улиците, која им влегува дури и во куќите.

Пред шест дена (26 јули) од Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Тетово, за Порталб.мк, рекоа дека ситуацијата ќе се поправи следниот ден (27 јули), но ситуацијата на терен и понатаму останува иста, додека надлежните не одговараат зошто отпадоците не се исчистени.