ДИЖС лани бил во Јегуновце, неправилности со прочистување на шестовалентниот хром не утврдил

Обоената вода со шестовалентен хром и други материи се влива во реката Вардар кај депонијата во Јегуновце; Фото: Мета.мк

Пред една година, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) за последен пат бил во инспекциски надзор на пречистителната станица за отпадни води во фабриката „Југохром“ во Јегуновце. На барање на Мета.мк, од ДИЖС добивме информација дека на 24 март 2021 година бил извршен редовен инспекциски надзор, при што не биле утврдени неправилности во работењето при прочистувањето на шестовалентниот хром во станицата.

„При надзорот се констатираше дека станицата за прочистување на водите загадени со Хром шестовалентен беше во функција и прочистуваше до 60 м3 загадена вода на ден. Исто така се утврди дека е набавена опрема – резервоари за складирање на потребните хемикалии за прочистување на загадените води (поради тоа што старите резервоари биле дотраени и требало да се заменат) и потрошен материјал за потребите на пречистителната станица“, се наведува во Извештајот од инспекцискиот надзор на ДИЖС.

Сепак, екипа на Мета.мк пред повеќе од еден месец на терен ја посети индустриската депонија во близина на железничката станица во Јегуновце и можеше да се забележи вода со карактеристична жолто-портокалова и темно црвена боја што се наоѓа до пумпната станица кај депонијата, а која што се влива непрочистена во реката Вардар. На локацијата забележавме изумрени растенија коишто дошле во допир со водата, како и непријатен мирис на самата локација.

Канцерогениот шестовалентен хром од депонијата во Јегуновце го демне здравјето на граѓаните [фото]

Мета.мк од локалното население во Јегуновце доби објаснување дека пумпите што треба да ја испумпаат загадената вода кон пречистителната станица не успеваат да ја соберат сета количина на загадена вода во услови на високи подземни води. Во вакви случаи, загадениот вишок со шестовалентен хром се влива директно во реката Вардар.

Воедно, од разговорот со вработените во пречистителната станица во фабриката „Југохром“ дознавме дека тие прочистуваат по 60 кубни метри вода, иако нивните капацитети и искуството од порано биле да се прочистуваат до 600 метри кубни вода дневно, односно 10 пати повеќе од денес. За да се зголеми обемот на работа, кај пречистителната станица неопходно е да се врати работењето во три смени од по шест часа, но и да се воспостави Одделение за екологија што ќе врши анализа на состојбата со водите на реката Вардар. Во моментот на нашата посета, не работеше ниту таложникот којшто го собира талогот од прочистената вода што се влива во реката Бистрица.

Инаку, Мета.мк пишуваше и за истражувањето објавено во 2019 година од Македонската академија на науките и уметностите со наслов „Потекло на водите на изворот Рашче и аспекти на нивната заштита“, на група професори од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Присуство на шестовалентен хром во водите кои гравитираат кон изворот Рашче е потврдено и во ова истражување.

Ако не се реши проблемот со депонијата на „Југохром“, шестовалентниот хром може да е закана и за изворот Рашче

Во овој труд, авторите врз основа на испитувањата правени на водите на триесетина локации во селата Копанце, Раотинце, Јегуновце, Дворце, Радуша и Рашче препорачуваат да се истражи и разреши проблемот со погоните контаминирани со Cr 6+ и индустриската депонија на фабриката „Југохром“ и да се намали нивното влијание врз Жеденскиот аквифер, а со тоа и на водите од изворот Рашче, како и да се дефинира транспортот на веќе навлезениот хром низ Жеденскиот масив како потенцијален ризик за квалитетот на водата на изворот Рашче.

Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје тогаш ни изјавија дека вршат испитувања на присуството на шестовалентен хром, но досега тој не е забележан на мерните места кои директно влијаат на изворот на водата во Рашче, од каде што Скопје се снабдува со вода за пиење. Тие тврдат дека забележана е покачена концентрација на шествалентен хром само на една точка – на пиезометарот во Јегуновце, но таа нема влијание врз изворот Рашче.

Од Државниот инспекторат за животна средина за Мета.мк велат дека нивните ингеренции во однос на шестовалентниот хром во Јегуновце се исклучиво во делот на инспекциските надзори што може да ги вршат, додека за решение за индустриската депонија во Јегуновце упатуваат на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП).

Од Министерството за животна средина и просторно претходно објаснија дека долготрајно решение е санација на индустриската депонија. Една од опциите е отстранување на отпадот, односно ремедијација на локацијата. Компанија што ќе го отстрани отпадот досега не е избрана, додека физибилити-студија од 2007 година вели дека за ремедијација на депонијата ќе бидат потребни над 20 милиони евра. Оваа сума од денешна гледна точка се смета дека ќе биде многу поголема. Втората можност според експертите е депонијата да се изведе по прописни стандарди, со бетонска када или заштитни фолии на тлото на депонијата, коишто во целост ќе спречат шестовалентниот хром да доаѓа во допир со подземните води.