ДИЖС ќе врши надзор на санацијата на депонија Русино која ќе започне во март

Депонија Русино / Фото: Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС)

Од следниот месец ќе започне санација на депонијата Русино, а интервентните мерки за контрола на исцедните води од депонијата и организациските подобрувања на приемот и отстранувањето на отпадот ќе се следат од Државниот инспекторат за животна средина. Ова е договорено на координативната средба иницирана од Инспекторатот за животна средина со Центарот за развој на Полошкиот плански регион, општината и Јавното комунално претпријатие во Гостивар, како и Регионалното претпријатие за управување со отпад формирано од сите општини во Полошкиот регион

„Пред да отпочнат работите, Инспекторатот ќе ја добие на увид проектната документација и динамичкиот план за реализација на активностите, за соодветно да се планираат редовните и вонредните надзори. Освен ова, ќе има и координирана акција на државни и локални инспектори за мапирање на ѓубриштата, по што градоначалниците на општините во Полошкиот регион ќе добијат известување од Инспекторатот за да организираат чистење во согласност со закон“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Од ДИЖС потенцираат дека константно ќе има комуникација и со претставници на иницијативата “Стоп Русино“ со цел соработка и размена на информации со граѓаните околу начинот и резултатите од спроведувањето на надзорот.

Министерот за животна средина Насер Нуредини во декември минатата година најави дека Центарот за развој на Полошкиот плански регион ги ангажирал изведувачите „Пелагонија“ и Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гостивар кои ќе треба изградат систем за третман на исцедокот, со насип кој ќе спречува влевање на атмосферски води во веќе депонираниот отпад, канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во постоечката депонија.